Македонија
Во Скопје се отвора нов центар за деца со церебрална парализа
Во Скопје се отвора нов центар за деца со церебрална парализа. Како дел од социјалната реформа и инклузијата на децата со попреченост во заедницата, новиот дневен центар е изграден во рамки на Основното училиште „Киро Глигоров“, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, општина Центар и Здружението на родители на деца со церебрална парализа.
„Грижата за општеството значи грижа за сите граѓани подеднакво. Една од целите на реформата што ги спроведуваме во изминатиот период е да обезбедиме поддршка за децата и семејствата на кои им е потребна и да ги вклучиме во активности надвор од домот. Социјалните сервиси како што е овој дневен центар имаат опрема и обучен кадар да ги следат индивидуалните потреби на секое дете и неговото семејство. Преку поврзување со другите системи на поддршка ја зголемуваме вклученоста на децата со попреченост во заедницата“, изјави дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, на денешната посета на центарот заедно со родителите и децата корисници на дневниот центар.
Дневниот центар зафаќа 360 квадратни метри. Во него 30 до 40 деца ќе имаат можност да добијат третмани од специјални едукатори, логопеди, психолози и физиотерапевти и со тоа да ја подобрат својата функционалност, но и да дружат со другите деца од училиштето „Киро Глигоров’’.
Според вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, важно е да се развиваат услуги на локално ниво со цел да бидат поддржани сите граѓани во заедницата што имаат времена потреба од поддршка на институциите.
„Кога зборуваме за сервисни услуги кон граѓаните зборуваме за директни инвестиции и развој на економијата. Зошто е тоа така, сега ќе ви појаснам. Кога отворате услуга тогаш отворате нови работни места, но од друга страна овозможувате жените, кои сè уште го носат најголемиот товар на домашната грижа, да добијат можност да бидат активни на пазарот на труд“, посочи вицепремиерката Царовска.
Општина Центар за изградба на објектот издвои 5,4 милиони денари, додека МТСП за набавка на опрема и справи за физикална терапија, душеци, ленти за трчање, справи за вежбање, кревет за масажа, АБС-топки и други останати реквизити обезбеди 441.372 денари.
„Објектот е прв инклузивен центар за вакви лица, опремен со антибактериски подови, тоалети адаптирани за вакви лица, кујна по хасап, рампи за пристап и пристап до ботаничката градинка, интерактивни табли, клинеоплафони и адаптабилно загревање. Центарот е опремен по највисоки стандарди, зголемен е капацитетот на лица кои ќе членуваат во овој центар. Училишниот двор и влезот на училиштето се приспособени за потребите на овие лица и овие лица слободно и безбедно ќе ја користат спортската сала на училиштето ‘Киро Глигоров’“, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Центарот работи во рамки на ЈУ МЦСР Скопје и родителите кои сè уште не ги користат услугите од дневно згрижување ги повикуваме да аплицираат за остварување на правото до овој центар.
Во наредниот период, заради унапредување на содржините за игра за децата, ќе се издвојат средства и за набавка и монтажа на детско инклузивно игралиште во дворот на училиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

