Македонија
В среда ќе работат до пладне, четврток неработен за царинските подружници на подрачјето на град Скопје
Во согласносрт со донесениот заклучок на седница на Владата на Република Северна Македонија, а по повод триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ, работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на град Скопје на 29.11.2023 година (среда) да заврши во 12 часот, а 30 ноември 2023 година (четврток) се определува за неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација на подрачјето на град Скопје, известуваат од Царината.
Во таа насока известуваме дека царинските подружници на подрачјето на град Скопје: ЦИ Скопје 1, ЦИ Скопје 2, ЦИ Скопје 3, ЦИ Скопје 4 и ЦИ „Пошта Скопје“, в среда (29.11.2023), по 12 часот, и в четврток (30.11.2023) нема да работат.
По исклучок и по претходна најава во случај на потреба за итно и неодложно царинење лесно расиплива стока, стока од земјоделско или животинско потекло, како и за стока неопходна за процесот на производство и за општо опасни и лесно запаливи материи, во горенаведените подружници ќе бидат организирани дежурни екипи за увозно царинење.
Ги потсетуваме економските оператори и царинските застапници дека во согласност со одредбите од член 146 став 1 точка б од уредбата за спроведување на царинскиот закон и точка 15 од упатството за спроведување постапка за увозно царинење, увозната царинска декларација во форма на електронска порака во редовна постапка може да се поднесе во редовното работно време на царинската подружница каде што ќе се спроведе царинењето.
Поедноставените постапки за економските оператори се спроведуваат во согласност со издадените одобренија за поедноставни постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„14 пратеници“, обзнанија Таравари и Хасани: Коалицијата „Вреди“ добила пратеник повеќе во однос на Европскиот фронт по прегласувањето
По прегласувањето на избирачко место во Општина Желино, кое е во рамки на изборната единица 6, според претставникот на „Вреди“, Башким Хасани, коалицијата „Вреди“ добила близу 500 гласа, а за „Европскиот фронт“ гласале 48 избирачи.
Коалицијата „Вреди“ доби еден пратеник повеќе за сметка на пратеник на „Европскиот фронт“ со прегласувањето во шестата изборна единица, изјави Хасани.
„Кога се гласа без притисоци, без кражби и без многу манипулации резултатот е тој, или во случајов, коалицијата ‘Вреди’ го добива 14 пратеник“, рече претставникот на коалицијата „Вреди“.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) за излезеноста на седумте избирачки места на кои денеска имаше прегласување за парламентарните избори, на избирачкото место во Општина Желино, едиствено на кое се прегласува во шестата изборна единица, до 18:30 часот гласале вкупно 546 избирачи.
Претставниците на Коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари и Башким Хасани на социјалните мрежи го напишаа бројот 14 со што алудираат на уште еден пратеник во коалицијата.
Коалицијата „Вреди“ на парламентарните избори на 8 мај, имаше 13 пратеника, а коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ доби 19 пратенички мандати.
Македонија
55,10 проценти била излезноста, на половина час пред затворањето на гласачките места соопшти ДИК
Од вкупно запишани 4.514 гласачи на седумте избирачките места на кои се прегласува за Парламентарните избори, до 18.30 чaсот гласале 2.487, односно 55,10 отсто, соопшти Државната изборна комисија
Во ИМ 2101 во Желино гласале 546 гласачи односно 54,98%.
Во ИМ 1194 во Крушево, гласале 325 гласачи односно 69,30%.
Во ИМ 1202 во Крушево, гласале 99 гласачи односно 33,22%.
Во ИМ 1272 во Охрид, гласале 356 гласачи односно 50,07%.
Во ИМ 1470 во Долнени, гласале 365гласачи односно 55,47%.
Во ИМ 1470/1 во Долнени, гласале 324 гласачи односно 51,27%.
Во ИМ 1844 во Струга, гласале 472 гласачи односно 62,68%.
Во споредба со гласањето на 8 мај 2024, до 18:30 часот, на ова прегласување била забележана зголемена излезеност за 1,08% на овие избирачки места.
Македонија
Левица: Осквернавено срцето со македонското знаме во Гостивар
Пред неколку дена, по повод Денот на македонското знаме, 15 мај, како и по повод 24 Мај – празникот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, срцето од натписот со името на градот Гостивар беше симболично променето во македонското знаме со букви на глаголично и кирилично писмо, се истакнува во реакцијата на Левица.
„Но, за жал, можеби, и очекувано во ситуација на континуирана необалистичка реторика од страна на политичките партии од страна на т.н „албанскиот блок“, срцето на кое во понеделникот беа насликани македонското знаме и букви од кирилицата и глаголицата е осквернавено со илустрации и графити кои се со екстремно навредлива содржина.
Сквернавење кое, дури и да не е извршено од нив, претставува директна последица на големоалбанската и антимакедонската пракса, на целосно непочитување на државните македонски инсигнии (Знаме, Грб и Химна), како и глорификација на инсигниите на фашистичката творба – Голема Албанија која е практикувана од страна на т.н. „албанската“ политичка елита“, велат од оваа партија.
Ја потсетуваат јавноста дека политичката партија Левица во својата програма се залага за: воведување на Државен инспекторат за инсигнии кој ќе биде надлежен за контрола и надзор над правилната употреба на државните симболи (грбот, знамето и химната) од страна на државните органи, општините и приватните субјекти.