Македонија
Во тек се двете трансплантации на бубрег од починатата донорка
Во моментов на Клиниката за урологија во тек се двете трансплантации на бубрег од 44-годишната пациентка која вчера беше дијагностицирана со мозочна смрт.
Бубрег ќе добијат двајца пациенти на возраст од 30 и 23 години кои подолго време се на дијализа.
Рано утрово заврши трансплантацијата на срце кај пациент кој подолго време боледува од срцева слабост. Пациентот е во стабилна состојба и закрепнува по операцијата.
Министерството за здравство упати благодарност до тимовите кои се вклучени во оперативните зафати и до семејството на починатата донорка.
Следната трансплантација ќе биде на коски, по експлантацијата која во раните утрински часови ја заврши тимот за трансплантација од Клиниката за ортопедија.
Во изминатата една година во земајва се направени пет трансплантации од починат донор и притоа се трансплантирани четири срца и 10 бубрази. Направена е и прва експлантација и трансплантација на коски и коскени ткива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче до Сиљановска: Огромен ризик е спојувањето на безбедносните агенции
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска оствари средба со претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова. На средбата се разговараше за актуелните политичките состојби во државата со фокус на партизацијата на безбедносните структури и евроинтеграцискиот процес.
Филипче на средбата изрази загриженост за ризикот од спојувањето на Агенцијата за национална безбедност со Агенцијата за разузнавање.
„Изразив загриженост и укажав дека сметам дека треба да реагира за некои работи кои сметам дека се во нејзина надлежност и ингеренции. Тоа е пред сè е партизацијата која се случува во дел од безбедносните структури. Укажав на ризикот што сметаме дека може да биде многу голем, доколку настане фузија на двете безбедносни агенции а се продолжи со ваква партизација, имајќи предвид дека сме имале такво лошо искуство во минатото, една таква гломазна партизирана институција може да се злоупотреби“, рече Филипче.
Во одговор на новинарско прашање а поврзано со спојувањето на безбедносните агенции, Филипче посочи, дека во времето на Владата на СДСМ се направи реформа и тие институции се поделени и професионализирани.
„Затоа сметаме и затоа реагираме дека треба да се запре партизацијата, што во овој момент се случува во Агенцијата за национална безбедност и дополнително сметаме дека обединувањето на агенциите од две во една навистина ќе направи една гломазна институција којашто тешко може да се контролира. Тоа и го укажав на претседателката денеска. И таа ги нотираше сите забелешки“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче очекува дека ваквата форма на политички дијалог на претседателката на државата со опозицијата да прерасне во редовни средби.
Македонија
(Видео) Николова: Скопје и Аеродром со ВМРО-ДПМНЕ го живеат најголемиот ужас од своето постоење
Скопје, а и општина Аеродром во последните години го живеат најголемиот ужас од своето постоење, само како резултат на кадровските решенија кои што ги понудија ВМРО-ДПМНЕ за град Скопје, Данела Арсовска и за Аеродром, Тимчо Муцунски и сега в.д градоначалникот во последните неколку месеци, истакна пратеничката на СДСМ Даниела Николова, на расправата на собраниската комсија за финансирање и буџет.
Николова нагласи дека кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта во касата на општина Аеродром имаше 240 милиони денари.
„Наместо овие средства како и потрошените три буџети во изминатите три години да се искористат за подобрување на квалитетот на живот во општина Аеродром, таа денес станува синоним за диви депонии, пожолтени паркови, руинирани детски и спортски игралишта, а едноставно Тимчо Муцунски, кој е актуелен министер за надворешни работи не успеа да реализира ниту еден проект од програмата која што тој ја вети пред граѓаните“, рече Николова, образложувајќи го поднесениот амандман со кој треба да се обезбедат 70 милиони денари, за изградба на кружен тек кај ОУ Блаже Конески, каде се спојуваат два булевари и три улици, односно три населби, Мичурин, Острово и Стар Аеродром, каде живеат над 20.000 жители.
Николова, наведе дел од неисполнетите ветувања на ВМРО-ДПМНЕ и Тимчо Муцунски во општина Аеродром, за кои доби поддршка од граѓаните во 2021 година.
„Се уште граѓаните од Аеродом чекаат четири нови градинки, кои тој им ги вети, а со вистинска голема радост и нетрпение го очекуваат паркот Радост, најавувањето беше поддржано и од Мицкоски, со кој сечеа ленти, бришеа маркици ама затоа денес таму може да се види неискосена трева, многу смет, тоа место почнува да се претвара во дива депонија. Радоста за паркот Радост се уште ја одржуваме, иако надежта полека ни умира“, рече Николова.
Таа додаде дека се уште се чека новата гимназија, новата општинска зграда, новиот мултифункционален центар со простории за младински центар, новиот спортски центар Пирин во наслебата Лисиче, Музејот на МЗТ, кино салата и театарската сцена во Ново Лисиче.
„Се уште чекаме еднократната помош за новороденчињата да се зголеми од 8 на 20.000 денари, се уште ја чекаме стратегијата за млади, стипендии за млади таленти во износ од 30.000 денари, како и завршување на сите постапки за легализација“, нагласи Николова.
Пратеничката Даниела Николова потсети дека СДСМ во буџетите издвои многу средства за Аеродром, и тоа за доградба на ОУ Блаже Конески 100 милиони денари, за нов објект Изворче, клон на градинката Срничка 70 милиони денари, за реконструкција на улиците Црноризец Храбар, Мите Богоевски Илија Димовски Гоче 60 милиони денари, за нов објект на полициската станица Аеродром 130 милиони денари, за реконструкција на дворот во училиштето Браќа Миладиновци, 2,6 мил денари, 700.000 денари за техничка документација за водоводна мрежа во Долно Лисиче, а граѓаните гледаат што успеаја да реализраа градоначалниците.
„Ги изманипулиравте граѓаните на најлош можен начин. Ветувавте Никогаш Северна, лажевте за Преспанскиот договор, за договорот со Бугарија, дека Мицкоски го болат колениците, па мора да патува со бизнис класа, дека ќе ги зголемите платите, ветувавте учебници, па сега препорачувате да се учи од серии. Лажевте дека ќе има ред во државата, сега граѓаните плаќаат да се земе невеста од Косово, обезбедувањето на спикерот на собранието вопоставува ред и ги дисциплинира безбедностите структури на аеродромот во Скопје, на раководна позиција го ставате бодигардот на Мицкоски, кој тепаше полицаец, кој бил на должност, лажевте дека сте големи патриоти, ама не ви пречеше да објавите фотографии од средбите во Бугарија каде нема макеонско знаме. Лажевте дека ќе бидете транспарентни а сите закони што ги донесовте во овој период се по скратена постапка, ете затоа граѓаните ви веруваа, ама не знам дали сега е баш така. Вашиот претседател предложи предвремени избори па после пола саат се премисли, тоа не е случајно“, порача кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката на СДСМ Даниела Николова, на расправата на собраниската комсија за финансирање и буџет.
Македонија
Сиљановска Давкова го прими Филипче: разменети мислења за политичките и безбедносните состојби
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Венко Филипче, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседател на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.
На средбата беа разменети мислења за општествениот амбиент, со посебен акцент на политичките и безбедносните состојби.
Во разговорот Филипче ја информираше претседателката за актуелните партиски промени врзани за изборот и конституирањето на новите партиски органи и функционери.
Во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче ја нагласи потребата од активна соработка на Советот со Владата во функција на спроведување на Планот за раст и Реформската агенда.
Претседателката го информираше за нејзиното видување на евроинтеграцијата и можните решенија за отпочнување на преговорите со Европската Унија.