Македонија
Утре ќе се одлучува дали ќе се воведат тестови за транзитните патници
Комисијата за заразни болести утре ќе одлучува за воведување тестови за патниците што само минуваат низ земјава. Министерот за здравство, Венко Филипче, смета дека треба да се воведат тестови.
„По првичниот случај, пративме писмо преку Министерството за надворешни работи до Амбасадата во Стокхолм, која ја покрива и Финска, но не сме го добиле списокот со 24 лица детектирани како позитивни. Наша цел беше да видиме дали се наши или државјани на Косово, кои беа во тој авион, но по вториот случај, утре на Комисија за заразни болести ќе дискутираме за воведување ПЦР-тестови и за транзит-патниците. Во целиот регион имаме најстабилна ситуација, кај нас има подобрување, нема потреба нашата земја, нашиот аеродром, да стои како место од кое излегуваат позитивни патници. Утре ќе донесеме соодветна одлука“, рече министерот Филипче.
Со саботниот лет на „Визер“ од Скопје во Турку, Финска, пристигнале уште 12 позитивни патници. Во авионот имало 115 патници, а тестирани биле 95 отсто. На сите им се издадени наредби за домашен карантин.
Ова е трет по ред лет Скопје – Турку во кој беа откриени патници позитивни на Ковид-19. На првиот лет на 8 август, по доброволното тестирање на сите што пристигнаа од Скопје, позитивни беа 26 лица, а на вториот на 11 август уште пет. Вкупно досега на трите лета се регистрирани 42 случаја на коронавирус. Повеќето од патниците во трите лета биле со патни исправи на Косово и на Финска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

