Македонија
Вработени во МВР што работеле на случајот на Бошкоски не знаат кој ја дал наредбата за негово апсење
Судењето за случајот „Тортура“, кој се однесува на апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, продолжи со испрашување сведоци повикани од страна на специјалното јавно обвинителство. Сите четворица сведоци вработени во одделот за економски криминал и корупција, а кои работеле на случајот, рекоа дека не знаат кој го нарачал апсењето на Бошкоски.
Тони Јанкоски, кој за време на апсењето на Бошкоски во 2011 бил началник на одделот за економски криминал и корупција, во сведочењето истакна дека тој не бил запознаен со предметот, туку само ги потпишал доказите што биле испратени до јавниот обвинител.
Сведокот Жарко Спасевски, кој бил дел од организационата единица при одделот за економски криминал и корупција, покрај тоа што рече дека не знае кој го нарачал апсењето на Бошкоски, истакна дека за настанот дознал во истиот момент од ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков.
„Не сум запознаен кој дал наредба за апсењето на Бошкоски. За тоа бев телефонски известен, мислам дека ме извести Митко Чавков од центарот за сузбивање сериозен и организиран криминал. Потоа, им дадов задача на вработените за обезбедување на доказите на самото место, вршење претреси. Јас и уште неколку колеги веднаш се упативме на местото што ни беше посочено, угостителскиот објект ‘Воденица’“, рече Спасевски.
Сведокот Владимир Крстевски, кој во 2011 бил главен инспектор на криминалистичка полиција, во своето сведочење рече дека учествувал во изготвување на кривичната пријава и лично има доставено службена документација до Јавното обвинителство, но исто така не знае кој издал наредба за апсење на Бошкоски. Крстевски, одговарајќи на прашање од обвинителот Љубомир Лапе, рече дека не знае ниту кој му ги доставувал доказите што тој подоцна ги препраќал до јавниот обвинител.
Четвртиот сведок, кој денеска говореше пред судечкиот совет, е Роберт Николов, вработен исто така во МВР. Запрашан од обвинителот Лапе што знае за апсењето на Бошкоски, Николов рече дека не бил воопшто запознаен со случајот, дента кога се случило апсењето бил повикан само да го обезбедува просторот околу угостителскиот објект „Воденица“.
„Не знам ништо за случајот. Ден претходно ми беше роденден, донесов торта да ги частам колегите, но тие само ми кажаа дека частењето треба да се одложи бидејќи ќе имаме работа. Веднаш потоа се упативме кон ‘Воденица’“, рече Николов.
Наредното рочиште за случајот „Тортура“ е закажано за 20 јуни. Обвинети се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфа“, Ивица Антевски – Пуки, и уште петмина припадници на единицата.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Нормализиран сообраќајот на патот Битола-Прилеп
АМСМ информира дека од 11:20 часот сообраќајот на патот Битола-Прилеп се одвива нормално.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Силјановска да им се извини на пензионерите што ги спореди со Мапет шоу, вели Тасевска
СДСМ неколкупати ги покачи пензиите и во споредба со времето на ДПМНЕ просечната пензија е покачена во просек за 6.400 денари. Овој месец следува и ново зголемuвање на пензиите од 5,3% согласно новата методологија којашто ја донесовме заедно со пензионерите. Дополнително, во новиот пакет антикризни мерки обезбедивме месечна поддршка и до 15.000 денари во период од 5 месеци за пензионерите со пониски пензии, вели Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.
„СДСМ ги почитува и се грижи за нашите повозрсани граѓани. Додека СДСМ ги покачува пензиите кандидатката на ДПМНЕ, Гордана Силјановска слушаме како ги навредува пензионерите, споредувајќи ги со Мапет шоу. Крајно несоодветно, непримерно и неодговорно. Пензионерите не заслужуваат да бидат омаловажувани ниту навредувани“, додава Тасевска.
Според неа, Силјановска треба да излезе и да им се извини на пензионерите за навредите.
„Односот на Силјановска кон пензионерите е потврда дека нема никаква промена во ДПМНЕ. На граѓаните не им треба претседател кој ќе биде продолжена рака на Белата палата, партиски послушник, не им треба реприза на Иванов. На граѓаните не им треба уште една катастрофа по примерот на Скопје. Ниту ДПМНЕ ниту Силјановска не можат да донесат промени на подобро. Тие едноставно сакаат да се вратиме во минатото, да ја закопаме иднината и да ја уништиме надежта за подобро утре! Затоа граѓаните на изборите ќе изберат европска иднина со СДСМ и Стево Пендаровски, завршува Тасевска.
Македонија
Тошковски: Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон ЕУ
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, имаше воведно обраќање на инаугуративниот меѓународен симпозиум на Меѓународната асоцијација за безбедност на администраторите на кампуси на агенциите за спроведување на законот (IACLEA).
Овој симпозиум ги опфати темите поврзани со сајбер-безбедноста, спречувањето на криминалот од омраза, обезбедувањето при собири од поголеми размери, спречувањето и борбата против трговијата со луѓе и шверцувањето мигранти, а учество зедоа и реномирани меѓународни експерти од оваа област, вклучително и од македонското Министерство за внатрешни работи.
Истакнувајќи ја меѓусебната соработка во борбата против транснационалниот криминал, Тошковски во своето обраќање потенцира дека:
„Географијата нè прави соседи. Историјата нè прави пријатели. Економијата нè прави партнери, а неопходноста од заедничко дејствување против сите закани и опасности – нè направи сојузници. Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон Европската Унија. Во Европската Унија регионалната соработка е средство за постигнување стабилизација, еден од чекорите за натамошна интеграција на ЕУ. Со други зборови, сите сме ‘за’ регионална соработка, но поради разни причини“.