Македонија
„Вреди“за „балансерот“: Одлуката нема да смени ништо за правата на Албанците, но е инспирирана од криминалните структури на претходната власт за создавање дестабилизација

„Вреди“ остро реагира на одлуката на Уставниот суд за покренување на постапка за оценување на уставноста и замрзнување на т.н. балансер, се наведува во соопштението од оваа партија.
Оваа одлука, велат од коалицијата, е инспирирана од очигледната потребата на криминалните структури на претходната власт за создавање меѓуетнички проблеми и дестабилизација на внатрешните односи во државата.
„Сакаме да укажеме на јавноста дека сите судии, без исклучок или било каква припадност, се избрани со гласови на ДУИ во претходните мандати. ДУИ давала поддршка на сите оние кои денес поведоа постапка против т.н. балансер.
ВЛЕН веќе работи на решавање на проблемот со правичната застапеност на Албанците во институциите, но на адекватен систематизиран и кодифициран начин. ВЛЕН ќе го реши овој проблем со нов закон на кој веќе се работи“, нагласуваат од коалицијата.
Потстеуваат дека принципот на рамноправна и правична застапеност е гарантиран со Уставот на Република Северна Македонија и тој не може да
биде оспорен и поништен дури ни од страна на Уставниот суд.
Дополнително, додаваат од „Вреди“ во десетици и десетици, можеби и стотоици материјални закони за функционирањето и работата на поединечни институции гарантирана е застапеноста на Албанците.
„Денешната одлука нема да смени ништо за правата на Албанците, ама ја покажува лошата намера на оние кои ги избраа овие судии во Уставниот суд. ДУИ не ги решааваше проблемите на Албанците, немаа време, беа посветени на своите бизниси, тендери, коцкарници, трговски центри, градежни фирми. ДУИ правеа криминал“, истакнуваат од „Вреди“ во пишаниот допис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улица во Кисела Вода денес без струја

Корисниците на улицата Кумановска во општина Кисела Вода денес ќе останат без електрична енергија во периодот од 12:00 до 15:00 часот, информираат од ЕВН Македонија АД.
Прекинот е најавен поради технички зафати на дистрибутивната мрежа.
Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.