Македонија
Времето денеска променливо облачно, попладне појава на пороен дожд и грмежи

Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен, повремено засилен ветер претежно од југозападен правец. Попладне ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи особено во северните и источните делови од земјата. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 17, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 29 степени.
До сабота ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност и со слаб до умерен претежно јужен ветер. Особено топло ќе биде в петок и в сабота. В недела ќе настапи поголема промена кога под влијание на влажен бран се очекува на повеќе места да биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер од јужен правец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.