Македонија
Втора седница на советот за имплементација на проектот за администрирање на социјалното осигурување – СИАП
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски ја водеше втората седница на Советот за следење на имплементацијата на Проектот за администрирање на социјалното осигурување – СИАП.
Пред присутните, Велковски накратко се осврна на СИАП проектот за чие имплементирање и координирање надлежно е Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и на Советот за следење на неговата имплементација и на улогата на Советот.
Основна цел на Проектот е подобрување на квалитетот на услугите во администрирањето на социјалното осигурување и унапредување на законската рамка која ги уредува прашањата кои се однесуваат на вработувањето и работното оспособување на лицата со попреченост и ревидирањето на листата на работните места со стаж на осигурување со зголемено траење (бенефициран стаж).
„Според активностите на проектот, може да се заклучи дека станува збор за прилично комплексен и обемен проект од аспект што неговата реализација ги вклучува речиси сите институции на задолжителното социјално осигурување, па и повеќе. Поради тоа, формиран е Совет кој има за задача да го следи спроведувањето на активностите во рамки на институциите надлежни за имплементација на СИАП проектот и роковите за нивно спроведување и да носи заклучоци за прашања поврзани со спроведувањето на активностите од Проектот“, рече Велковски.
На денешната седница на Советот, беше разгледана информацијата за активностите во СИАП проектот и нивниот тековен статус на имплементација, а фокусот беше ставен на воспоставувањето на единствениот регистар на задолжително социјално осигурување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Директорот на „Комунална хигиена“ и раководителот сè уште се во полициска станица
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Сабахудин Рустеми, и уште едно раководно лице сè уште се наоѓаат во полициска станица, по приведувањето во врска со проблемот со отпадот во главниот град.
„Лицата се задржани и постапката е во тек“, велат од Јавното обвинителство.
Оттука вчера соопштија дека лицата се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, или како што појаснуваат, станува збор за загрозување на животната средина и природата со отпад.
Владата, претходно го задолжи Министерството за внатрешни работи во координација со Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје да извршат вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во „Комунална хигиена“ со цел да се утврди состојбата со отпадот во главниот град и да се преземат соодветни мерки.
Во врска со приведувањето во текот на вчерашниот ден реагираше градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која на Фејсбук со иронија напиша дека директорот, кој е кадар на ДУИ, бил пуштен од станица отако во полицијата по убедување им кажал дека во срцето и душата е „Влен“. Арсовска вината ја лоцира кај претседателката на Управниот одбор на претпријатието, Јулијана Спировска, за која, исто со доза иронија напиша дека неа не ја апсат оти имала албум со сликички со сите функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Николоски: Ќе работиме да го решиме урбанистичкиот хаос во Центар
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, денеска беше во Маџир Маало, во општина Центар, каде заедно со кандидатот за градоначалник на општината, Мирослав Лабудовиќ, даде изјава за состојбите во овој дел од градот. Тој посочи дека поединци блиски до актуелното раководство на општина Центар го гледаат урбанизмот единствено низ призма на личен финансиски интерес, а поради тоа, граѓаните во Маџир Маало живеат во услови кои не доликуваат на 21 век.
„Денеска ќе се видиме и ќе поразговараме со жителите на Маџир Маало, ова е срцето на главниот град, срцето на Скопје. За жал луѓето живеат во супстандардни услови и овде можете на дело да видите како изгледа урбанистичкиот хаос и создавање на урбанизам само во интерес на поединци“, кажа Николоски и додаде:
„Затоа што поединци кои што се блиски на актуелното раководство на општина Центар, не можат тука да си го најдат финансискиот интерес и не можат тука да најдат бизнис. Затоа луѓето овде живеат во една ситуација која што не приличи на 21 век“.
Николоски укажа и на примерот со новите згради кои се градат во Маџир Маало, каде што тесните улици создаваат проблем и за новите жители, но и за оние кои веќе живеат тука.
„Низ оваа тесна уличка треба да поминуваат сите кои што ќе живеат во овие нови згради кои што се градат тука, а од другата страна зад мене не можат луѓето да си стигнат до куќите. Ова на најдобар начин покажува на кој начин се уништува општина Центар и зошто се потребни промени во општина Центар“, истакна Николоски.
Николоски потсети дека, откако е министер за транспорт и врски, гласно зборува за урбанистичките проблеми и во општина Центар и во општина Карпош.
„Јас многу гласно и за општина Центар и за општина Карпош зборувам откако сум избран за министер. Предложив на двете општини и на двата актуелни градоначалници да донесеме специјални закони за општина Центар и за општина Карпош, кои што би дале развој, но би го заштитиле во исто време урбаното живеење. Двајцата не се согласија, и ги гледаме сега причините зошто“, рече Николоски.
На крај, Николоски истакна дека заедно со кандидатиот за градоначалник на општина центар, како иден градоначалник на општина Центар, ќе работат на решавање на проблемите на жителите од Маџир Маало.
„Ќе работиме да ги решиме овие проблеми и луѓето кои тука денеска разговараат со нас, од Маџир Маало конечно да добијат пристојни услови за живот“, заклучи Николоски.
Македонија
Голем е интересот за вакцинацијата против сезонскиот грип, од Здравство велат пријавени се повеќе од 70.000 граѓани
Министерството за здравство информира дека интересот за вакцинација против сезонскиот грип континуирано расте. Досега се пријавени над 70 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 22 илјади лица во државата.
Вакцинацијата се спроведува на 35 вакцинални пункта, од кои 5 се во Скопје. Сите заинтересирани граѓани може да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, меѓу кои: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца од 6 месеци до 5 години, лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
Во организација на Министерството превентивни тимови од здравствени установи во државата продолжуваат со теренска вакцинација и во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост.

