Македонија
В година со уште позаострени мерки против препишување, 3,25 била просечната оценка на државната матура
Просечната оценка што ја постигнаа средношколците на државната матура годинава е 3,25. Во споредба со минатите години постои намалување (3,65 во 2023 година, 3,78 во 2022 година и 3,61 во 2021 година,) кое, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот, било резултат на преземените заострените мерки при полагањето.
Од МОН објаснија дека вкупно 14.834 пријавени кандидати на 1 јуни го полагале задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците.
Резултатот, како што информира директорката на Државниот испитен центар, Билјана Михајловска, е: откриени 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, а 4 ученици биле фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценувањето на тестовите оценувачите детектирале 175 ученици што препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. 268 ученици, на кои им била изречена мерката поништување на испитот, ќе може повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.
Според Михајловска, најголем број прекршувања на правилата за полагање на државната матура се констатирани во СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје – вкупно 32, потоа во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје, каде што се изречени 18 мерки, во СОУ „8 Септември“ – Тетово има 14 изречени мерки, по 13 мерки за прекршување на правилата на тестирањето се изречени во СОУ „Методија Митевски-Брицо“ – Скопје и ЦСНО „28 Ноевмри“ – Дебар. Во СУГС „Цветан Димов“ – Скопје биле изречени 12 мерки за остранување од процесот на полагање на државната матура.
Честитајќи им на учениците што успешно ја завршија матурата и го потврдија стекнатото знаење во средното образование, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека во согласност со законските прописи во земјата, па и во многу други држави, дипломата е предуслов за упис на факултет.
За в година најави две новини, кои ќе помогнат за подобра организација на полагањето на државната матура и, како што рече, тоа ќе биде обид да нема препишувања и други противзаконски, неетички и неморални дејства и на учениците, и на тестаторите, и на набљудувачи.
„Ќе инсистирам полагањето на државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети, каде што има блокатори и друга технологија, која ќе оневозможи користење комуникациски уреди за време на полагањето затоа што најчесто поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање“, истакна Јаневска.
Втората мерка се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура од аспект на подигнување на одговорностите на лицата вклучени во процесот.
„Мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите оние што ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти и жаргонски кажано – замижуваат пред некоректни активности од страна на учениците“, додаде министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

