Македонија
В петок не тргнувајте кон Бугарија, кај Страцин жителите ќе го блокираат патот оти државата им го пресече локалниот пат
Жителите на кратовското село Страцин, поддржани од жители на Куманово, Крива Паланка и Кратово, в петок од 11 часот ќе го блокираат патот кој води кон Бугарија. Трактори ќе паркираат на крстосницата Чатал и ќе пропуштаат само итни случаи за да изразат револт од пресечениот локален пат со изградбата на експресната сообраќајница Ранковце – Крива Паланка.
Речиси четири недели преговараа со надлежните за решение, но незадоволни од она што им го понудиле решија правдата да ја бараат со блокада.
( Понуденото решение од Јавното претпријатие за државни патишта)
„В петок не тргнувајте кон Бугарија. Во 11 часот ќе ја поставиме блокадата и нема да дозволиме сообраќај, со исклучок на итните случаи. Откако пред три неели најавивмедека размислуваме за блокада, постојано преговараме, но само утврдивме дека пресечениот пат е резултат на пропуст на проектанот, потоа и ревизијата направила пропуст со тоа што го одобриле проектот, а и државниот правобранител кој дозволил да се пресече нашиот пат, сопственост на државата, на две места, а да не се обезбеди пристап за нас. Ние не можеме со трактори и други машини да излегуваме на експресна сообраќајница за да поминеме од едната на другата страна“, велат од месната заедница Страцин за „Макфакс“.

Блокадата е пријавена во полиција, а полиција ќе го обезбедува и карванот возила кои како поддршка ќе тргнат од Куманово кон Страцин оти и тие го користат истиот локален пат за да стигнат со машините до Крива Паланка.
Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Макфакс“ велат дека на жителите им го понудиле единственото решение за пресечениот локален пат.
„Во врска со доставените прашања сакаме да ве известиме дека ЈПДП е известена од Надзорот над работите ДИВИ Македонија дека во повеќе наврати се остварени средби и со жителите и со општина Кратово на кои е направен обид за изнаоѓање на функционално решение. И во текот на минатата недела, исто така е остварена средба/состанок со претставник од општина Кратово, по однос на доставениот предлог, за кој во најкус рок очекуваат повратен одговор од општината, дали се согласуваат со предлогот бидејќи единствено решение е поврзување на локалниот пат за маалата Лепенци и Брзенци со сегашниот локален пат“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта за „Макфакс“.
Жителите сметаат дека она што го понудило јавното претпријатие не е решение оти го решава сообраќајот само за некои маала и дава алтернатива која локално ќе ги поврзе Куманово и Крива Паланка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче најави тужба за Жан Митрев: Нема да дозволам лаги и бандитски напади врз мојата чест и углед
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека случајот со Жан Митрев се темели на една голема лага и најави дека приватно ќе го тужи поради нарушување на честа и угледот.
„Ова сѐ се темели на една голема лага. Зошто? Ако Жан Митрев бил жртва на таков рекет како што кажува, што правел досега? Второ, зошто тој не поднесува тужба, туку обвинителство по допрен глас? Но, како и да е, нека ја завршат анализата итн., согласно одлуката, а после тоа откако ќе се утврди дека тоа не постои, јас немам никаква вина, ќе го тужам приватно за нарушување на честа и угледот“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека за неговата чест и углед работел напорно и чесно, и нема да дозволи “бандитски работи да му ги нарушуваат честа и угледот“, што за него се најважни во животот.
Македонија
Брисел ги прифати барањата, возачите се признаени како професионалци, го решаваме проблемот со превозниците, објави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале, како што вели, „одлични вести“ во врска со проблемите на македонските превозници.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави Николоски.
После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисе, додава тој, ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!
Македонија
(Видео) Филипче: 600 евра минимална плата е минимум за достоинствен живот
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека СДСМ и понатаму цврсто стои на страната на работниците и нивните реални барања за достоинствен живот.
Филипче потсети дека СДСМ уште на крајот на 2024 година поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата, кој тогаш беше одбиен од власта, и покрај очигледно влошената економска состојба и драстично намалениот животен стандард на граѓаните, велат од СДСМ.
„Денес, кога растат цените, расте цената на струјата, растат сите трошоци кои ја сочинуваат синдикалната потрошувачка кошничка, подготвивме нови законски решенија кои ќе ги поднесеме во Собранието. Предлагаме зголемување на минималната плата на 600 евра во нето износ и замрзнување на платите на функционерите“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека овие мерки се логично продолжение на политиките на СДСМ од периодот кога партијата ја водеше Владата, време во кое, како што истакна, минималната и просечната плата растеа континуирано, дури и во услови на сериозни економски и здравствени кризи. Воедно, со овие решенија СДСМ, додаваат од таму, директно ги поддржува и барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, изнесени во јавноста.
Филипче упати јавен повик до Сојузот на синдикатите за соработка и вклучување во процесот, со можност за увид и поднесување сугестии за предложениот закон.
„Како одговорна политичка партија, наша обврска е да покажеме грижа и солидарност и да излеземе во пресрет на вистинските потреби на работниците. Не може да има пари за тендери и непотребни трошоци, а да нема пари за стандардот на граѓаните“, истакна Филипче.
Тој предупреди дека инфлацијата сериозно го јаде животниот стандард и дека Македонија денес има практично најниска минимална плата во регионот, за разлика од Албанија, Србија, Косово и Црна Гора, каде платите веќе се зголемени.
„Ова е уште еден силен аргумент зошто младите ја гледаат својата иднина надвор од државата. Тоа мора да се запре“, рече Филипче, потсетувајќи дека за време на владеењето на СДСМ минималната плата се зголеми од 8.000 на 22.000 денари, а просечната од 22.000 на 42.000 денари.
Филипче изрази очекување дека овој пат Владата ќе покаже одговорност и ќе го прифати предлог-законот, бидејќи тој се темели на реални економски параметри и реални потреби на работниците.
„Ние не се бориме само за повисоки плати, туку за достоинствен живот – она што нашите граѓани и нашите работници навистина го заслужуваат“, порача Филипче.

