Македонија
Гаши за Меѓународниот ден на демократијата: Собранието е вистинската адреса за јакнење на демократската култура
По повод Меѓународниот ден на демократијата да испратиме пораки за наша посветеност за негување на демократските вредности,
како што се човековите права, слободни и праведни избори, еднаквост пред законот, уставни ограничувања на власта, општествен, економски и политички плурализам, толеранција, соработка и компромис, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Тука сме, рече тој, да испратиме порака за поддршка на различностите, за надградување на инклузивноста и праведноста во општеството и, пред сè, за почит кон секоја индивидуа.
„Северна Македонија е сè уште млада демократија, конципирана со Уставот како граѓанска и демократска држава, која ги гарантира човековите права, граѓанските слободи, националната рамноправност и социјалната правда. Во овие 33 години ние практикувавме демократија, паралелно учејќи ги нејзините вредности и осознавајќи го значењето на нејзините принципи. Една од лекциите што ја совладуваме е дека во основата на демократијата е дијалогот, особено меѓу политичките фактори во општеството, пред сè, меѓу пратениците како народни избраници“, рече Гаши.
Според него, нашиот парламент ги има сите потребни алатки за унапредување на политиките и на законските рамки за владеење на правото и за спречување и заштита од дискриминација.
Затоа, како што додаде, треба да работиме заедно за развој на демократијата во државата.
„Верувам дека наша колективна цел е да направиме терен за новите генерации да живеат во средина во која во прв план се идеите, знаењата и интегритетот на личноста и во која различностите се мотор на напредокот, а не причина за поделби. Од тој аспект, преку артикулирање на разните гледишта и интереси на пратениците како народни избраници, Собранието е вистинската адреса за јакнење на демократската култура и за унапредување на политичката дебата“, нагласи Гаши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче ја спореди власта во Македонија со режимите во Иран и Венецуела, за нападите на САД рече дека се за доброто за Иранчани
Во одговор на новинарско прашање за нападите на САД врз Иран, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и дека откако ги исрпија сите механизми за преговори настапија кон еден таков напад, за доброто на народот во Иран, додавајќи дека очекува деескалација на ситуацијата.
„Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и тие, откако ги исцрпија сите дипломатски механизми на преговори, настапија кон таков еден напад кон Иран и сметам дека таквиот напад и сè што се прави е во истиот контекст како што беше направена интервенцијата во Венецуела, а тоа е за доброто на иранскиот народ, како што беше и за доброто на народот во Венецуела“ рече Филипче.
САД треба да знаат дека власта во Македонија има карактеристики како режимите во Иран и Венецуела, додаде тој.
„Меѓутоа, добро е да се каже дека Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер, треба да знаат дека овде во нашава земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат“, нагласи Филипче.
Тој посочи дека актуелната власт ја турка државата во изолација, иако европската интеграција е стратешки интерес и за Македонија и за САД и за целиот регион. Дополнителна загриженост, како што рече, предизвикуваат контактите со структури блиски до рускиот претседател Владимир Путин.
„Внимавајте, вториот човек на Владата не ги крие контактите со Ноќните волци, луѓе блиски до рускиот претседател Путин. Целосна е тотална партизација на правосудството. Премиерот именува, назначува, елиминира обвинители на телевизија. Очигледно е влијанието и партизирањето на судството“, истакна Филипче.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.

