Македонија
Гаши со делегација во посета на шведскиот крал

На првиот ден од официјалната посета на Кралството Шведска, претседателот на Собранието, Африм Гаши, придружуван од пратениците Дафина Стојаноска, Беким Сали и Митко Трајчулески, имаа аудиенција кај кралот на Шведска, Карл Шеснаесетти Густав.
Во делот на заедничката средба, претседателот и пратениците изразија благодарност за приемот и овозможената средба со неговото височество и нагласија дека Кралството Шведска е искрен и високо почитуван поддржувач на Република Северна Македонија, а меѓусебните односи се карактеризираат со висок степен на пријателство, заемно разбирање и поддршка. Тие беа информирани дека кралот на Шведска, Карл Шеснаесетти Густав, досега двапати ја посетил нашата држава и има посебно убави сеќавања од Охрид.
Гаши и пратениците Стојаноска, Сали и Трајчулески му подарија на шведскиот крал симболична кошничка од традиционални македонски производи од повеќе различни производители. По заедничката средба и предавањето на подарокот, Кралот и претседателот Гаши осварија полчасовна тет е тет средба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кузеска: Очигледен е стравот на Мицкоски од содржината на материјалите на АНБ

Очигледен е стравот на премиерот, Христијан Мицкоски од содржината на материјалите кои треба да го докажат наводното негово следење од страна на службите, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа вели дека со вчерашната изјава премиерот потврдил дека нема никаква намера да ги декласифицира документите кои би ги докажале неговите наводи дека нелегално бил следен.
„СДСМ уште еднаш прашува од каде толкав страв од објавувањето на содржината на материјалите од наводното следење? Ако СДСМ прислушувала како што тврди власта, зошто се плаши да ги декласифицира документите? Што во тие документи го плаши Христијан Мицкоски толку многу? Дали овие документи содржат докази за соработка на Мицкоски со странски непријателски служби? Дали Мицкоски работел на штета на интересите на државата за странски пари? Дали Христијан Мицкоски имал комуникација со руски агентури кои финансирале екстремизам и дестабилизаиција на државата? Дали овие документи содржат наводи за нелегално финансирање на партијата, ВМРО-ДПМНЕ поврзано со „Делчевски ниви“?“, праша Кузеска.
Ако Христијан Мицкоски се плаши од декласификација на овие документи, додаде таа, го повикуваме директорот на АНБ, Бојан Христовски да го стори истото и да го стави државниот интерес пред интересот на партијата.
Македонија
Галетановски: Возилото е изгорено целосно, ниту сум скаран со некој ниту некој ми се заканувал

Претседателот на Градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски, се огласи на социјалните мрежи откога ноќеска му беше запалено возилото.
„Да, моето возилото е целосно изгорено. Ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал, ниту ми наштетил. Сум помагал и ќе помагам кому можам секогаш. Секоја чест на пожарникарите, што пристигнаа за 3 минути и пламенот не ги зафати куќите.
Апелирам до министерот, како и до Министерство за внатрешни работи и до надлежните, најбргу што може да го најдат сторителот, не поради финансиска загуба, поради мирен живот во Скопје и во цела држава на сите граѓани. Има и сејф сити и камери наоколу, да се надеваме дека мирот ќе биде вратен“, напиша тој.
Македонија
СДСМ ги осудува криминалниот чин и палењето на возилото на Галетановски: МВР веднаш да го расчисти случајот

СДСМ најостро го осудува криминалниот чин и палењето на возилото на претседателот на Градската организација, Ѓорѓи Галетановски.
„Со доаѓањето на ВМРO-ДПМНЕ на власт безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена.
МВР наместо да се занимава со тоа како лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ да земат милионски тендери нека земе конечно нешто да работи.
Бараме МВР и сите надлежни институции веднаш да постапат, целосно да го расчистат случајот и сторителите да одговараат“, велат од СДСМ.