Македонија
ГДУ на Самитот на АКРЕ во Бугарија
Над сто истакнати европски конзервативци, бугарски министри, признати експерти во областа на безбедноста, одбраната и економијата се собраа на Самитот за слободата на Алијансата на конзервативците и реформаторите – АКРЕ, кој првпат се одржува во Бугарија.
Меѓу учесниците во настанот беа претседателот на АКРЕ, Јан Захрадил, од Граѓанско-демократската партија на Чешка, кој во моментот е водечки кандидат на европските конзервативци за претседател на Европската комисија, и извршниот директор на АКРЕ, Ричард Милсам. Специјални гости на конгресот беа и претставници на конзервативни партии и организации од над 15 држави, вклучувајќи ги Велика Британија, Белгија, Шведска, Шпанија, Албанија, Израел, Македонија, Романија и други.
Од Македонија учесници беа потпретседателот на ГДУ, Александар Попоски, и членовите на управувачкиот комитет на Граѓанско-демократската унија, Јована Спасевска, Добре Митрев, Александар Тодоровски, и претставници на тинк-тенк институтот Conservative.mk.
„Постојат три главни работи што се однесуваат на евроинтеграциите – економијата, безбедноста и институциите“, изјави претседателот на АКРЕ, Јан Захрадил.
Претседателот беше категоричен дека единствениот пазар е срцето на ЕУ, но европските институции треба да бидат зависни од волјата на одделните држави, а не да си создадат свој вакуум на моќ.
Според него, воениот аспект на безбедноста мора да остане во рамките на НАТО и ЕУ, да работат заедно и да ги надополнуваат нивните напори.
Во однос на миграцијата, Захрадил смета дека секоја земја членка треба сама да ги постави своите процедури и правила што се однесуваат на азил.
„Во Европскиот парламент треба да биде создадено ново мнозинство, кое ќе работи за децентрализација на ЕУ и промена на насоката во која се движи во моментот, а конзервативците во Европа може да одиграат клучна улога за тоа“, изјави претседателот на АКРЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

