Македонија
Герасимовски: Два нови пензионерски клуба за пензионерите во Центар
По повод Меѓународниот ден на старите лица, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, оствари средба со дел од претставниците на Здружението на пензионерите. На средбата со нив Герасимовски го најави отворањето на два нови пензионерски клуба – еден во зградата на ЈП ПОЦ во Крњево и другиот во близина на Универзалната сала.
„Возрасните лица се високо поставени на листата на приоритети во Општина Центар затоа што негата и грижата е наша должност, која треба да им ја возвратиме на оние што целиот свој живот се грижеле за нас. Во Општина Центар има отворено 6 пензионерски клуба, а со новите два секоја населба во Центар добива пензионерски клуб. Во пензионерски клубови во Крњево и кај Универзалната сала, кои ќе ги отвориме набргу, нашите баби и дедовци ќе добијат повеќе активности за социјализација и дружење, со што преку разните активности ќе си го збогатат своето секојдневие“, изјави Герасимовски.
Општина Центар се грижи за своите највозрасни сограѓани. Преку проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ за сите возрасни лица со полни 62 години се обезбедува домашна нега од физиотерапевти, негуватели и психолози.
Овој проект е наменет за 90 корисници кои добиваат нега двапати неделно по три часа во текот на целата година. Исто така, во соработка со Банката за храна на пензионерите со ниски примања Општина Центар им доделува пакети со храна и хигиенски производи.
Општина Центар силно и посветено работи на највозрасните свои граѓани да им обезбеди безгрижни и мирни пензионерски денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се препорачува прилагодена брзина на движење поради можна појава на одрони
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информираат утрово од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.
Македонија
Апасиев за ЗНАМ и Максим Димитриевски: „Максо глуми АСНОМ, а гласаше АСНОМ да биде избришан“
,Сме си ја ставиле главата во торба кога се спротиставивме на УЧКИ, ДУИ, рекетари, мафијаши. Но ние трчаме маратон, нашата борба е долга. Нашите баби ги даваа своите деца, бидејќи немаа пари. Ги пуштаа да бидат партизани и така изградиле држава. Нема да дозволиме УЧК-ите да ни ја земат”, порача Димитар Апасиев од митинг во Охрид.
,,Нашиот народ е борбен народ. Левицата е борбена. Ќе влеземе внатре и тоа ќе го осетат и Таљат, и Таче, и Мицко и сите останати. Со 7, 8, 10 пратеници, ние ќе сме силата што ќе го пасокизира СДС. Вака како што тргнало, со Таче, под 20 ќе паднат”, рече Апасиев.
За ЗНАМ и Максим Димитриевски, Апасиев истакна дека „Максо глуми АСНОМ, а гласаше АСНОМ да биде избришан“!
На митингот во Охрид се обрати и Јована Мојсоска, носител на листа на ИЕ 5 која истакна дека влезот на двајцата пратеници во Собранието покажал како треба да се води вистинска левичарска опција, за разлика од т.н. социјалдемократи кои изминатиот мандат ги распродале сите АСНОМ-ски идеали.
,,Мене ми е малце дегутантно кога слушам дека некој ќе го праќал ДУИ во опозиција. Тие имаа можност да ги пратат ДУИ во опозиција тука во советите, но сите бевме сведоци како се продаваше Мауцер и како локалниот шериф Нефи Усеини гради дивоградби, а градоначалникот молчи. Дури и ја сруши плочата на АСНОМ за која градоначалникот, исто, мудро молчи. Со Левица на власт ќе ја срушиме дивоградбата на Нефи и ќе ја вратиме плочата на АСНОМ”, истакна Мојсоска.
Мојсоска истакна и тоа дека Левица како единствена работничка партија е противтежа на анационалната олигархија која беше креирана во 90 – тите.
,,Нашата борба во Собранието е единствената причина зошто денес немаме Бугари во устав. Да не беше Левица, ние ќе гледавме фашистички клубови во секој град во државата. Ние ниту сме во спрега со моќниците кои се поврзани со секоја власт, ниту сме уценети и затоа нашите политички непријатели знаат дека со нас не се преговара за непринципиелни работи“, истакна Мојсоска.
Додека ја обвинуваат Левица дека е во коалиција со СДС и ДУИ, само против Талат Џафери Левица има поднесено девет тужби кои, како што истакна Мојсоска, се чуваат во фиока.
,,Само ќе спомнам против кои звучни имиња Левица поднела кривична пријава: Шкодране Дардишта, Бенито Јошевски, Артан Груби, Сали Мурати, Оливер Спасовски, Беким Максути и многу други. И Левица ќе биде факторот против бугаризацијата на Уставот додека одродените социјал-демократи ќе завршат на буништето на историјата”, рече Мојсоска.
,,Иако имаше обид од страна на бугарски структури да го воскреснат неофашизмот кај нас со отворање на клубови со фашистички наративи, ние не паднавме во духот. Напротив кога ги отвораа клубовите ,Ванчо Михајлов’ и ,Цар Борис’ се собравме и на бугарофилите им кажавме дека местото не им е тука. Особено, не по диктат на буржоазијата која купува национален идентитет и историја за ситни пари кои носат крупни гревови. Секогаш сме биле на вистинската страна, секогаш со нашето присуство, каде и да се појавиме, часовите им се избројани”, рече Горан Велевски, кандидат за пратеник во ИЕ5.
Македонија
Меѓународниот ден на трудот ќе се одбележи со првомајски протест и низа барања до новата влада
Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, се дел од барањата што денеска Сојузот на синдикати ќе ги испорача на протестот организиран по повод Меѓународниот ден на трудот.
Синдикатот бара и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.
Протестот ќе почне пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата.