Македонија
Герасимовски: Доделивме 770.000 денари на 60 социјално загрозени лица
Општина Центар додели 770. 000 денари на 60 социјално загрозени лица баратели по основ на нарушена здравствена состојба или тешка материјална положба. Еднократната финансиска помош Комисијата за социјална и здравствена заштита ја одобри врз основа на пристигнати барања од страна на жители на општината кои ги исполнуваат условите според Правилникот за постапката за остварување право на финансиска помош и поддршка на жители на општина Центар-Скопје.
„Општина Центар секогаш е тука да им помогне на граѓаните кога тоа им е потребно. Се надевам дека овие средства ќе им помогнат на жителите да санираат дел од штетите или ја подобрат здравствената или финансиската состојба во домот. Со цел да им излеземе во пресрет на поголем број граѓани ги повикувам општествено одговорните компании да дадат свој придонес и се вклучат во хуманитарните акции“, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Право на користење на овие финансиски средства имаат физички лица што се жители на Општина Центар со влошен социјален статус или загрозувачка здравствена состојба, кои припаѓаат на социјално загрозените групи, лица кои имаат потреба од помош при лекување, еднородителски семејства во социјален ризик. Воедно подносителот на барањето треба да има адреса на живеење во Општина Центар-Скопје и правото на финансиска помош и поддршка може да го искористи само еднаш во текот на календарската година.
Општина Центар покрај оваа помош во соработка со невладината организација „Банка за храна“ и Здружението за поддршка и развој „Хуманост“ обезбедува месечни социјални пакети за семејствата во социјален ризик, еднократна помош за пензионери со висина на пензија до 20.122 денари, нега за стари лица во домашни услови и др.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.

