Македонија
Герасимовски: Заедно со граѓаните ќе најдеме решение за бучавата во Капиштец
На вчерашната трибина „Заедно одлучуваме“, која се одржа во ООУ „Киро Глигоров“ во Капиштец, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ги слушна предлозите, барањата, но и поплаките од граѓаните во оваа населба.
Речиси сите се однесуваа на проблемот со бучавата од околните кафе-барови, а кој се провлекува со години. Градоначалникот Герасимовски, по поплаките, рече дека искрено и посветено ќе се заложи за изнаоѓање решение за овој проблем и притоа ги повика граѓаните да му се придружат.
![]()
„Се согласувам дека не е решението да пишуваме само една, две или пет казни, туку решението е во заедничкото дејствување. Во наредниот период заедно со вас ќе организираме и посебен состанок само на оваа тема и со претседателите на куќните совети за да најдеме трајно решение. Знаеме дека ова е огромен проблем со години. Ние според ингеренциите праќаме инспектори и пишуваме казни, но очигледно не е доволно“, изјави Герасимовски.
За проблемот со бучавата, Герасимовски истакна дека се провлекува со децении и не станува збор само за бучавата, туку проблем е и недостигот на места за паркирање на станарите.
На трибината „Заедно одлучуваме“, Герасимовски се осврна и на досега реализираните проекти во општината, како инфраструктурните зафати со уличната мрежа, реконструираното детско игралиште, новиот пензионерски клуб во ТЦ „Беверли Хилс“ и катната гаража со капацитет од 260 возила, која треба да почне со изградба.
Трибините „Заедно одлучуваме“, на која граѓаните даваат свои предлози, кои се разгледуваат и според потребите ќе бидат вградени во буџетот за в година, утре продолжуваат во ООУ „Ј. Х. Песталоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

