Македонија
Герасимовски: ООУ „Ј. Х. Песталоци“ добива сензорна соба за учениците со образовни тешкотии
Учениците со образовни тешкотии во основното училиште „Ј. Х. Песталоци“ добиваат нова и комплетно опремена сензорна соба. Собата располага со дидактички материјали, сензорни елементи и рехабилитациско-рекреациска опрема, со што наставниот и стручниот кадар имаат на располагање низа алатки за работа со учениците од ова училиште, особено со учениците со интелектуална попреченост, со комбинирани пречки, учениците од аутистичниот спактар, со АДХД и др.

„Денес вниманието го насочуваме кон нашето најголемо богатство – децата. Ако ги прашате родителите која им е најголема желба за нивните деца, ќе ви одговорат – да бидат среќни. А токму ние како локална самоуправа сме тука за да им помогнеме оваа желба да стане реалност. Инвестирањето во раниот детски развој е најисплатливо во развојот на човечкиот капитал. За нас, децата се приоритет број еден и токму затоа Општина Центар веќе со години претставува позитивен пример за поддршка на младите во целата држава“, изјави Герасимовски.

Квалитетното образование, пред сè, инклузивното образование, е предизвик за секоја локална самоуправа и дополнителен мотив е во континуитет да се вложуваат ресурси за децата со пречки во развојот. Концептот за инклузивно општество и вклучување на овие ученици во редовната настава се дел од образовната стратегија на Општината и, во таа насока сензорната соба, што од денес ќе им биде достапна на децата од ООУ „Ј. Х. Песталоци“ во Центар, е само уште еден чекор кон исполнување на главната цел, а тоа е нивна целосна инклузија.

„Важноста од една ваква интервенција е огромна за нашето училиште, особено имајќи на ум дека во нашето училиште учат 21 ученик со попреченост. Од денес со гордост може да кажеме дека нашето училиште е поинклузивно и овозможува висококвалитетно образование и можност секое дете да ги оствари своите потенцијали. Се радуваме што во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост можеме да го споделиме овој исчекор кон обезбедување еднакви услови за развој и учење на сите ученици и сите заедно уште еднаш да пратиме порака за еднакво општество за сите“, истакна директорката на училиштето, Катерина Атанасова.

Опремувањето на оваа сензорна соба е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивното општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука и Општина Центар упатува искрена благодарност до сите нив.
Општина Центар верува дека алатките во сензорната соба ќе придонесат кон полесно совладувањето на наставниот материјал и зголемување на мотивацијата децата повеќе да учат и да истражуваат, а истовремено ќе им помогнат на учениците да го намалат стресот и да ја зголемат својата концентрација. Општина Центар ќе продолжи да гради вакви соработки, кои носат бенефит како за помладите така и за повозрасните граѓани во општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

