Македонија
Германија донираше возила и опрема за граничната полиција
„Во сите овие години наназад, практично од осамостојувањето на нашата земја до денес, Сојузна Република Германија беше една од оние земји коишто без нималку задршка или двоумење дадоа огромен придонес во нашите напори да изградиме стабилно, демократско и просперитетно општество подготвено да стане рамноправен член на евро-атланските асоцијации“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по повод врачувањето на вредната германска донација во возила и опрема наменети за потребите на граничната полиција при Бирото за јавна безбедност на МВР.
На врачувањето на донацијата на којашто присуствуваше и германскиот амбасадор во земјава, Томас Герберих, како и директорот при Федералната полиција на Германија, генералот Грегор Пелцл, министерот Спасовски рече дека оваа помош е повеќе од добредојдена.
„Но, она што е уште поважно, суштинско, како што впрочем констатиравме и во разговорот со Пелцл и со амбасадорот Герберих, е фактот дека Сојузна Република Германија останува доследен поддржувач и близок соработник на земјава во нашата решеност за спроведување на реформите и патот кон членство во ЕУ“, потенцираше министерот Спасовски.
Донацијата се состои од 20 возила „дачија дастер“, вредни околу 323.000 евра, како и 351 пар чизми. Практично, во рамки на богатата, повеќегодишна билатерална соработка меѓу двете министерства во делот на донациите ова е трета германска донација за потребите на полициските единици при МВР, чијашто вкупна вредност ја надминува цифрата од 660.000 евра. Во низата досега потпишани билатерални акти, договори и меморандуми за соработка, во моментов во тек е меѓусебното експертско ускладување на билатералниот договор меѓу владите на двете земји за соработка во борбата против криминалот што се очекува во скоро време да биде потпишан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес свечено примопредавање на претседателската функција
Во Кабинетот на претседателот денес ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и досегашниот претседател Стево Пендаровски чијшто мандат истекува денес, предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија вчера и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. Во текот на денешниот ден таа пред пратениците во Собранието ќе даде свечена изјава.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 08.30 часот до 10.30 часот, поради одржување на улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај и тоа по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Сончево време, попладне со зголемена облачност и температура до 26 степени
Времето претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе има зголемена облачност со краткотраен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје сончево со умерена, а попладне зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник, кога дневните температури ќе опаднат за неколку степени.