Македонија
Годинава одложен „Пиво Фест“ во Прилеп, организаторите лути: Донесена е одлука да не се поддржи и одржи
Дваесеттото јубилејно издание на фестивалот на пивото во Прилеп, кој беше предвиден од 13-16 јули, нема да се одржи.
Во официјалното соопштение од страната од фестивалот, стои дека 20-то издание на “Пиво Фест” се одлага за следната 2024 година, со нова локација и нов концепт.
„Прилепчани и пошироката јавност. Сакаме да Ве информираме дека овогодинешното јубилејно издание на ,,ПИВО ФЕСТ,, Прилеп 2023 се одлага за следната 2024 год, со нова локација, концепт и содржина на програмата. Образложение; На состанокот одржан од Стопанската комора на Прилеп, Општина Прилеп и бизнис фелата донесена е одлука, ,,ПИВО ФЕСТ ,, Прилеп 2023, дека нема да се подржи и одржи. Додека пак советот на Општина Прилеп на седницата од 22.06. 2023 донесе одлука за доделување на локација за реализација на ,,ПИВО ФЕСТ,, 2023 Прилеп. ( Прашањето е за што се носи одлука за доделување на локација кога предходно Стопанската комора и бизнис секторот донеле одлука со намера да не се подржи и одржи фестивалот?? )“, соопштија од организацијата.
Според нив оваа седница е доцна одржана и одлуката за доделување на локација за организација и реализација на фестивалот е предоцна донесена.
„Со оглед на навремено поднесените барања од страна на Фестивалот на 17.11. 2022 и во Април 2023 до Општината за организација и локација на ,,ПИВО ФЕСТ,, 2023 сеуште нема официјално известување до Фестивалот до ден денес. Со оглед на сите овие горе наведени причини ,,ПИВО ФЕСТ ,, Прилеп 2023 год. спречен е да се одржи. Се извинуваме до Прилепчани и пошироката јавност, се гледаме во 2024 со нова локација, нов концепт и нова програма на ,,ПИВО ФЕСТ,, 2024, ВЕ ОСТАВАМЕ ВО ДОБРО ЗДРАВЈЕ. Со почит Здружение Интернационален Фестивал за пиво и скара „Пиво Фест“, завршуваат од организацијата во својата објава на Фејсбук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

