Македонија
Една и пол година по секнувањето на водата, Владата на следната седница ќе носи одлука за пуштање на хидросистемот за Дојранското Езеро
Владата ќе го поправа хидросистемот за полнење на Дојранското Езеро и ќе формира јавно претпријатие, кое ќе стопанисува со него, а одлуките за тоа ќе го донесе на првата наредна седница, најави министерката за животна средина, Каја Шукова, која денес со премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на свечениот почеток на санацијата на колекторскиот систем и изградба на нова прочистителна станица во Дојран. Министерката Шукова објасни дека тие на следната седница ќе ја исправат грешката на ВМРО-ДПМНЕ, кои го укинале јавното претпријатие и хидросистемот го довериле на управување на Министерството за средина. Како управител со хидросистемот, Министерството лани во февруари, кога поскапи струјата, ги изгаси пумпите и оттогаш нема дотур на свежа вода во езерото. Дојранци алармираа дека се украдени и искршени пумпите, а оштетувања има и на целиот систем. Тоа денес го потврди и министерката Шукова, рече дека првин ќе треба да се поправи системот, па да се формира јавно претпријатие за да се пушти водата повторно да го полни езерото.
„На првата наредна седница на Владата ќе одиме со информација за повторно пуштање на хидросистемот на Дојранското Езеро. Конечно, ќе ја исправиме грешката што беше направена пред осум или девет години кога хидросистемот, кој имаше сопствено јавно претпријатие, во тоа време ВМРО-ДПМНЕ, не знам од кои причини, само ним познати, најверојатно, го укина јавното претпријатие и го дадоа на управување на Министерството, што во согласност со законите во државата е нон сенс. Ние сега ќе ја исправиме таа грешка“, рече министерката Шукова.
Таа потсети дека формирање јавно претпријатие било планирано и претходно, но го одложиле поради енергетската криза, која ја поскапи струјата.
„Сега кога се стабилизира тој пазар, во комуникација сме со претседателот и со градоначалниците од регионот повторно да се актуализира прашањето за формирање јавно претпријатие, кое ќе управува со хидросистемот, кој има неколку намени. Едната е да носи дополнителни количини вода во Дојранското Езеро, втората е тоа што може да биде водоснабдител и за богданскиот и за овој регион, со мали зафати, мали интервенции на хидросистемот. Има капацитет од 1.000 литри во секунда. Ќе треба негова рехабилитација, ќе треба време да се санира бидејќи во голем дел има проблеми со пумпите, со вентилите. Тоа се технички работи. Прво, ќе одиме со рехабилитација, формирање на претпријатието и да се пушти, конечно, во работа по подолг временски период“, рече министерката Шукова.
Минатата година, кога Министерството ги изгаси пумпите и го сопре дотокот на свежа вода во езерото, образложија дека на таков чекор се одлучиле поради енормно високите сметки за струја. До 2020 година трошокот за струја за хидросистемот бил речиси еден милион евра годишно, а од октомври 2021 година, кога струјата почна вртоглаво да поскапува, сметката им се искачила над 325 илјади евра месечно, колку што плаќале до февруари лани.
Веќе една и пол година жителите на Дојран апелираат хидросистемот да се врати во употреба колку и да чини неговото поправање оти водостојот на езерото од лани во февруари е во постојано опаѓање. Во споредба со претходната година, нивото е паднато повеќе од еден и пол метар, па жителите стравуваат дека ќе им се повтори еколошката катастрофа од пред две децении.
Хидросистемот за спас на Дојранското Езеро е дело на Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љупчо Георгиевски. По долготрајното празнење на езерото и екстремно нискиот водостој, во 1999 година Владата донесе одлука за прогласување елементарна непогода и поведе иницијатива за спас на Дојранското Езеро, во чии рамки во 2001 почна изградбата на хидросистемот за доведување дополнителни количини вода од Ѓавато кај Богданци, а првите количини беа испумпани во 2003 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лимани: Судот ја прифати жалбата на коалицијата ВЛЕН за „бугарскиот воз“ во Липково, се докажа изборниот инженеринг на ДУИ
Валбон Лимани од коалицијата ВЛЕН денеска на прес-конференција го презентираше решението на Управниот суд со кое се прифаќа жалбата на коалицијата ВЛЕН за полнење кутии во Липково.
„Управниот суд ја прифати жалбата на Коалицијата ВЛЕН за гласачко место во Липково, каде што имало полнење на кутија од страна на блиски луѓе на носителот на листа на ДУИ во оваа зона, со техника позната како „бугарски воз“. Во судската одлука стои дека тужбата на кандидатот на претседателските избори во 2024 година, Арбен Таравари, е прифатена“, рече Лимани.
Според Лиман, со ова се докажува изборниот инженеринг на ДУИ на претседателските избори на 24 април и ги повика надлежните институции да постапат за кражбата на гласови и чинителите да се изведат пред правдата.
„По парламентарните избори нод 8 мај, режимот на ДУИ ќе се сруши. Коалицијата ВЛЕН, како следна влада, ветува дека ќе го санкционира секој обид на владата во заминување да краде или купи гласови“, рече Лимани.
Македонија
Над 150 пијани возачи затекна полицијата на 1 Мај
Санкционирани се 157 возачи на територијата на целата држава, при полициски контроли за време на празничниот 1 Мај.
Од нив 41 на територија на СВР Куманово, по 34 на територија на СВР Битола, објави МВР.
За време на контролата санкционирани се и 183 други видови на сообраќајни прекршоци.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
Македонија
Османи: Со Рамковниот договор неопходни се две мнозинства за формирање Влада – парламентарното од 61 плус Бадентеровото
Со Рамковниот договор неопходни се две мнозинства за формирање Влада – парламентарното од 61 плус Бадентеровото, вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
На прес-конференција тој тврдеше дека не може да има Влада без двојно мнозинство, повикувајќи се на Рамковниот.
„Охридскиот рамковен доведе до две мнозинства, 61 и мнозинство по Бадентер. Забораваме и размислуваме само за едното мнозинство од 61. Едното секогаш оди со Бадентеровото. Ќе треба време за да ја сфатиме логиката на Охридскиот договор. Рамковниот договор има механизми за заштита на заедниците од надгласување, не е за заштита на мнозинската заедница. Затоа бара покрај 61 и Бадентерово мнозинство. Јалови се сите обиди да се потцени второто мнозинство при било кои избори по 2001 година“, рече Османи.
Тој упати низа обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ, мѓу кои дека секојдневно рециклираат националистички тези, флертуваат со проруски интереси, отворено се закнуваат на, како што рече, славното востание од 2001, ги зголемуваат тензиите меѓу етничките и верските заедници, додека ДУИ гарантираат стабилност и соживот.
Во врска со тоа како ќе настапат во вториот круг од претседателските избори, односно дали и кој од двајцата кандидати ДУИ ќе го поддржат, одлуката ќе биде соопштена во наредните денови.