Македонија
Горан очаен што не може да го најде својот брат на Халкидики: Не можам да си одам без него
Не можам да се вратам дома без брат ми, вели Горан Јовановски, брат на Мартин (31) кој пред 11 дена исчезна во морето на Халкидики.
Мартин со двајца пријатели исчезна во водата на плажата Посеиди, кога силните струи ги однеле. Едниот беше извлечен по неколку часа, а другиот пронајден по 20 часа потрага. Од Мартин, пак, сè уште нема ни трага ни глас.
Неговото семејство минатата недела пристигна во Грција и оттогаш учествуваат во континуираната потрага по Мартин.
Горан дошол во Грција со пријатели и доброволци од родниот крај, за што побрзо да го најде својот брат. Со него се неговата мајка, сопругата и нивното десетмесечно бебе.
„Десет дена активно трагаме по брат ми и засега нема резултати, ништо“, очаен е Горан.
Тој истакна дека потрагата по Мартин е многу скапа и побара помош од Грците и локалната власт, истовремено заблагодарувајќи им се на волонтерите кои несебично помагаат сите овие денови.
„Пребарувањето станува многу скапо. Изнајмуваме авиони, подводни дронови со термални камери, чамци. Сето тоа станува финансиски неодржливо за моето семејство. Сакам да им се заблагодарам на волонтерите кои дојдоа од Македонија, на грчките спасувачи волонтери кои беа со нас цело ова време и на сите луѓе кои уплатија донации од целиот свет. Не можевме ништо без нив. Благодарни сме и на грчката влада која ја прошири истрагата“ – рече Горан.
Вели дека тој и неговото семејство се „заробени“ во туѓа земја, чиј јазик не го знаат.
„Не можам да одам дома без брат ми. Не можам ништо да ѝ кажам на мајка ми. Како да си одам дома без брат ми? Затоа барам грчката влада да ни помогне на кој било начин, со авиони, дронови, хеликоптери… Во потрагата можат да помогнат и цивили со нивните чамци. Може да помогнат и граѓаните со дронови. Имаме ограничен број луѓе, а треба да се пребара голема површина“ – вели братот на исчезнатиот млад човек.
Спасувачките доброволци велат дека нивниот подводен дрон е вклучен во потрагата и тие ќе дадат сè од себе да го пронајдат Мартин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.
Македонија
Костовски и Бајовски со ново, заедничко, ветување: Канализација ќе добијат сите улици во Бел Камен и Кучевишка Бара кои досега беа изоставени
Градоначалниците на Бутел и на Чучер-Сандево, Дарко Костовски и Зоран Бајовски со заеднички проект ќе го решаваат проблемот со канализација во Кучевишка Бара и Бел Камен. Населбите се една до друга, но припаѓаат на две различни општини и со децении градоначалниците ветуваат дека ќе им изградат фекална канализација, но досега ниту еден не го реализираше ветувањето.

Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните
Градоначалникот на Чучер-Сандево попладнево на социјалните мрежи се пофали дека првпат двете соседни општини пристапуваат заеднички и координирано за решавање на овој долгорочен проблем, со јасни рокови и распределба на обврски.
„Денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, ја формиравме оперативната работна група за решавање на заедничките проблеми на жителите од Чучер Сандево и Бутел. Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција“, објави градоначалникот Бајовски.
Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните за да се обезбеди транспарентен процес и квалитетна техничка документација.

Главна задача на работната група е доработка на проектот со цел да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени
„Нашата цел е да обезбедиме трајно и одржливо решение за управување со отпадните води, што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини“, вели градоначалникот Бајовски.
Револтирани што на терен нема никакви активности и оти градоначалникот Бајовски фекалната канализација во Бел Камен не ја ставил на листата со приоритети, како што им вети пред изборите, претставници на жителите од двете населби пред два месеца го потсетија на ветувањето и му кажаа дека доколку не почне да работи за решавање на нивниот проблем, подготвени се да протестираат.
Градоначалникот Бајовски, за „Макфакс“ на крајот на ноември изјави дека, за да почне да го решава проблемот, прво ќе направи ребаланс на буџетот, а потоа ќе работи на нов проект кој ќе ги опати и улиците каде што никогаш не е изградена фекална канализација.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

