Македонија
Го распоредиле на пониска позиција затоа што бил политички активен, тужел и добил на суд
Основниот суд Скопје 2 од Скопје донесе пресуда со која утврди повредa на правото на еднаквост и сторена дискриминација по основа на политичка припадност во областа на работните односи. Македонското здружение на млади правници информира дека судот донел првостепена пресуда со која се утврдува дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ како тужен сторило дискриминација по основа на политичка припадност во областа на работните односи.
Тужителот бил вработен кај тужениот. Надвор од работното место тој бил политички активен како претседател на општински подогранок на политичка партија и бил вклучен на листата на советници на локални избори. Во текот на своето работење тужителот своите работни задачи ги извршувал непристрасно, објективно и за своето работење бил оценуван со „се истакнува“ и „задоволува“. Тужителот добил решение за распоредување на пониска позиција иако истиот исполнувал услови за повисока позиција од причина што во меѓувреме завршил високо образование. Истиот повел постапка за оспорување на донесеното решение за потоа единствено тужителот од сите негови колеги биде распореден времено да ги извршува работните задачи во подрачна единица на министерството надвор од градот во кој живее. Просториите каде што бил упатен тужителот да ги извршува работните задачи не биле соодветни за канцелариска работа и не располагале со соодветен простор. Народниот правобранител на РМ донел заклучок дека прераспоредувањето на тужителот не е поврзано со наводно зголемениот обем на работа, туку би можело да се поведе како вознемирување на работното место и дискриминација по политичка основа.
По распоредувањето на тужителот, на неговото работно место било вработено лице со различна политичка припадност од онаа на тужителот и член на владејачката партија. Раководното лице исто така било со различна политичка определеност од тужителот. Судот го применил член 9 од Уставот на Република Македонија, според кој, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите; членот 32 став 2 согласно кој секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место; одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работни односи.
Со пресудата се забранува преземање дејствија од тужениот со кои се врши дискриминација, се задожува да ги преземе сите потребни дејствија со кои ќе ја отстрани сторената дискриминација и да му исплати на тужителот правичен надомест за нанесената душевна болка предизвикана поради повреда на правото на еднаков третман.
Свесни за постоењето на дискриминацијата по основа на политичка припадност во нашето општество, Македонското здружение на млади правници ја поздрави одлуката на судот и сметаат дека оваа пресуда е од особено значење поради тоа што е прва првостепена пресуда каде што се утврдува дискриминација по основа на политичка припадност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

