Македонија
Градилиште кај „Мајчин дом“, ќе се гради деветкатницата, која, за аеродромци, е еколошка катастрофа
Градежни работници со лимени тараби ја оградуваат парцелата за изградба на деветкатница кај „Мајчин дом“. За овој објект жителите на Аеродром алармираа дека ќе направи еколошка катастрофа бидејќи се гради на зелена површина, а за да се изгради, пак, паркинг за зградата, урбанистичкиот план предвидува сеча на дрворед и ново уништување на зеленилото.

Градежни работници со лимени тараби денес го оградија просторот пред „Мајчин дом“ во Аеродром
Стопирањето токму на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во изборната кампања на сегашниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тој како опозиционер што се бори за градоначалничка функција, на претходниот градоначалник му предлагаше решенија, како обесштетување на сопствениците на земјиштето со пари или компензација со земјиште на друга локација за да го заштити просторот од дополнително градење и да ги послуша граѓаните. Кога стана градоначалник, не само што самиот не ги премиени советите што му ги даваше на претходникот туку го смени и мислењето и во неколку наврати се оправдуваше дека не може ништо да преземе за да ја спречи градбата.
Вчера, Општина Аеродром соопшти дека ги разгледала сите можни правни механизми за спречување на градбата реагирајќи на објавата на Дејан Митевски од ВМРО-ДПМНЕ дека градоначалникот Марин за време на кампањата за референдумот издал одобрение за градење на објектот.

Парцелата е со површина од 3.538 квадратни метри
„Општината активно соработува со Уставниот суд, каде што се доставени сите потребни документи во однос на ДУП И 10, за кој се поднесени повеќе претставки. Уставниот суд до денес нема донесено никаква одлука за овој предмет, ниту го има ставено во мирување ниту го има поништено ДУП И 10“, соопштија вчера од Општината и потврдија дека издаваат градежна дозвола.
„Во меѓувреме во Општина Аеродром е пристигнато барање за дозвола за градба на плацот пред ‘Мајчин дом’, што Општината е законски обврзана да го процесира во согласност со позитивните законски регулативи и параметрите на сè уште активниот ДУП И 10“, објаснија од Аеродром.

На градилиштето стои дека инвеститор на објектот е „ЗСФ КОМ“
Парцелата пред „Мајчин дом“ во Аеродром, со површина од 3.538 квадратни метри, пред десетина години како државно земјиште беше продадена и приватизирана, но без право на градење сè до донесувањето на спорниот план лани во април кога на локацијата беше предвидена деветкатница. Како сопственик на парцелата лани, по усвојувањето на планот, фигурира компанијата „Масив констракшн“, која се поврзува со бизнисменот Орце Камчев, но сопственоста се смени на крајот на минатата година кога како сопственик на парцелата се појави Друштвото за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги „ЗСФ – ком“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, сопственост на Фатмир Етеми, поранешен пратеник од ПДПА – НДП.
Од „ЗСФ – ком“ не одговорија на прашањата дали веќе имаат одобрение за градење и колку пари од оваа фирма се слеале во буџетите на Градот и Општината по основ на комунали. Не одговори на прашањата за одобрението за градење ниту градоначалникот Златко Марин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
„Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!“, прашува СДСМ
„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ
„Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?
Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!
Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

