Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски потпиша меморандум за соработка против насилен екстремизам и организиран криминал
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес беше дел од настанот организиран од Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта/Ла Страда“ и Здружението за поддршка и развој „Хуманост“, на кој се дискутираа и се утврдија заедничките чекори против насилниот екстремизам и организираниот криминал. Општина Кисела Вода, како и општините Гази Баба и Куманово, застапени од градоначалници Бобан Стефковски и Максим Димитриевски, потпишаа меморандум за соработка, со што ги потврдија своите заложби за поттикнување мирни и инклузивни општества и ублажување на структурните услови, кои се погодни за ширење насилен екстремизам.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека соработката помеѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор е од големо значење бидејќи дозволува рано превентивно дејствување. Ги наведе и превентивните мерки, како и областите што може да се стимулираат, за да се реализира ефективна превенција или брза реакција во случај на насилен екстремизам.
„Насилниот екстремизам претставува сериозна опасност за нашето општество носејќи со себе деструктивни последици, вклучувајќи ги земањето невини животи, дестабилизација на институциите и креирање социјални нереди. Тој го уништува квалитетот на живеење денес и создава несигурна иднина за нас и за сите следни генерации. Овој меморандум за соработка што го потпишуваме денес не е само формален документ“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Поплавувања и штети од пороен дожд и град во Куманово, Старо Нагоричане и Липково, се очекува зголемување на водостојот на Лепенец
Центарот за управување со кризи информира дека заради локалните врнежи на дожд има пријави за поплавувања и штети од град во Општина Куманово, Општина Старо Нагоричане и Општина Липково.
На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за поплавен двор во кој има трафостаница на ЕВН. Локација е на ул. „11 Октомври“ бр.77 зад објектот на „Живко Фурна“. Регионалниот ЦУК Куманово веднаш извести до ЕВН за да се преземат безбедносни интервентни мерки од нивна страна. Истовремено за настанот е реализирана координативна комуникација со лице за контакт од Општина Куманово.
На 112 во ЦУК добиена е пријава од лице од село Младо Нагоричане – Општина Старо Нагоричане, поточно во месност викана Подкаменчиња, кој пријавува дека заради обилните врнежи на дожд и град има голема штета. Информира дека уништени му биле 300 родни дрвца и дека му е оштетен му кровот од неговата викенд куќа. Од страна на Регионалниот ЦУК Куманово, за настанот е известено лице за контакт од Општина Старо Нагоричане.
На територијата на Општина Липково, во селата Липково, Отља, Оризаре и Слупчане во 18.15 часот почна да врне дожд, проследен со ветар и има паднато многу град. ЦУК известува дека има оштетено земјоделски садници и дека има оштетено автомобили од паднатиот град, според првите податоци добиени од Општина Липково.
ЦУК предупредува дека, според УХМР се очекува зголемување на дел од реките. Конкретно, заради обилни врнежи од дожд во Косово, таму е зголемен водостојот на реката Лепенец. Во текот на вечерните и ноќните часови се очекува да има зголемување на водостојот и во нашата земја. Истовремено, ЦУК предупредува на внимателно движење покрај коритото на реката Лепенец.
Македонија
Телеграма за сочувство до раководството и до иранскиот народ, упати претседателот на Левица, Димитар Апасиев
„Во име на Политичката партија Левица, изразувам сочувство до народот на Исламската Република Иран за трагичната загуба на претседателот Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи, Амир Абдолахјан, како и придружната делегација во неодамнешната хеликоптерска несреќа.
Претседателот Раиси и министерот за надворешни работи, Абдолахјан, не беа само ценети лидери, туку тие го посветија својот живот да му служат на иранскиот народ и да ги унапредат интересите на сопствената нација на светската сцена“, се вели во Телеграмата од Левица.
„Претседателот Раиси и министерот Абдолахјан беа цврсти бранители, чувари на правата и достоинството на угнетените народи ширум светот. Тие се спротивставија на империјализмот и се залагаа за глобална правда и солидарност. Нивната посветеност да се спротивстават на угнетувањата и експлоатациите, длабоко одекна со вредностите на нашата партија за антиимперијализам и солидарност со угнетените и служеше како инспирација за сите кои се стремат кон поправеден свет.
Жалиме за загубата и на другите членови на делегацијата кои загинаа во несреќата. Нивната посветеност кон нивната земја ќе биде трајно запаметена.
Во ова време на тага, стоиме во солидарност со Владата и народот на Иран. Нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите, како и со целиот народ во Иран“, се додава во Телеграмата од Левица.
Скопје
Ѓорѓиевски: „Вардар” мора да постои – обезбедена поддршка за баражот
За ФК „Вардар“ пред најважниот натпревар оваа сезона, е обезбедена финансиска поддршка од градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. На денешниот тренинг на тимот тој лично на „Вардар“, Вардарци и Комити им даде збор дека за многу брзо време работите ќе се променат на подобро, и „Вардар“ никогаш повеќе нема да биде во оваа ситуација.
– „Вардар“ е душата на Скопје и како еден од нив, ќе го дадам и последниот атом од мене за да се одржи клубот. Како и во минатото, така и сега во пресрет на баражот во недела, обезбедени се финансиски средства за да опстои нашата гордост. „Вардар“, Вардарци и Комити не се оставени сами на себе. Мојата подадена рака ќе стои секогаш тука за нив. И да, ќе одиме на врвот – таму каде што припаѓаме! А во една блиска иднина, за многу брзо време кога работите ќе се променат на подобро, „Вардар“ никогаш повеќе нема да биде во оваа ситуација. Го имате мојот збор!
Се гледаме во недела, во 17 часот на стадионот во Струмица. ФК ВАРДАР : ФК ДЕТОНИТ ПЛАЧКОВИЦА! За Вардар, за нашето славно минато и блескава иднина, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој и минатата година, пред историскиот натпревар со Кавадарци му обезбеди финансиска поткрепа на спортската гордост на Скопје, „Вардар“.