Македонија
Град Скопје објави анкета за предлози за имиња на улици, плоштади и паркови
Град Скопје денеска објави анкета за предлози за нови имиња на улици, булевари, мостови, плоштади, паркови и други инфраструктурни објекти.
За таа цел објавен е онлајн-прашалник (https://skopjelab.typeform.com/to/tyGGmL) преку кој на граѓаните им се овозможува да ги испраќаат своите предлози за топоними преку интернет, со одговарање на неколку прашања што одзема не повеќе од 5 минути. Прашалникот ќе биде отворен до 18 август.
Оние граѓани што не користат интернет своите предлози со кусо образложение може да ги испратат преку пошта на следната адреса: Град Скопје, Совет на Град Скопје, булевар Илинден, бр. 82, најдоцна до 18.8.2019 година.
Во согласност со Законот за определување имиња на улиците, плоштадите, мостовите и на други инфраструктурни објекти, имињата на градските топоними „може да бидат определени со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња“.
Предложените имиња од граѓаните ќе ги разгледува Комисијата за именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје.
Граѓаните ќе имаат можност да предлагаат само имиња на топонимите, но не и локации што би биле именувани со овие имиња. Во едно населено место две и повеќе улици не може да имаат исто име. Името на топонимот не може да има повеќе од четири збора.
При составувањето на оваа листа Комисијата ќе води грижа за застапеноста на предлог-имињата што означуваат личности и настани од значење за историјата, културата и науката на граѓаните што припаѓаат на заедниците што се мнозинство во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги од 16 часот
Управата за јавни приходи ја известува јавноста дека денеска, 30.12.2025 година, со почеток од 16:00 часот, ќе има привремен прекин во функционирањето на електронските услуги кои Управата (УЈП) ги нуди кон даночните обврзници.
Се очекува прекинот да трае до доцните попладневни часови, по што услугите повторно ќе бидат достапни.
Управата за јавни приходи ги замолува даночните обврзници за разбирање.
Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.

