Македонија
Град Скопје прави нов зелен сквер кај „Млин Балкан“
На јавната парковска површина која е лоцирана пред и зад амбулантата „Млин Балкан“, Град Скопје од денеска уредува нов зелен сквер. Целосната површина на предниот и задниот парк ќе се преработи со тоа што само високото зеленило ќе се остави и вклопи во новата концепција на уредување на просторот.
Делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата ќе се уреди максимално да се искористи како место за одмор, комуникација и контакти, а задниот парк ќе биде детско игралиште со опрема која може да ја користат сите деца над три години.
Уредувањето на ова ново катче е дел од проектот за редизајнирање на јавните зелени површини на 4 локации во Скопје, според кој, зелени скверови ќе се формираат и на булеварот Јане Сандански – кај „Палма“, на раскрсницата на булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров и на булеварот Илинден, до гимназијата „Орце Николов“, каде што веќе течат активностите на терен.
„Денеска започнуваме со уредување на овој простор, втор по ред од вкупно 4 локации во општините кои се резултат од анализите коишто ги направивме преку ‘Скопје лаб’. Овде пред ‘Млин Балкан’ во следните дваесетина дена на површина од околу 600 квадратни метри целосно ќе биде преуреден овој простор и потоа предаден на општина Центар. Знаете дека минатата недела започнавме активности за уредување на паркот во општина Карпош, и ни остануваат уште две локации во општина Аеродром. Очекувам дека по уредувањето овој простор ќе ги задоволува сите потребите на граѓаните од соседството бидејќи беа анкетирани луѓето коишто живеат на оваа микро локација, беа анализирани нивните барања и во согласност со нив беа изработени проектите“ – изјави Шилегов.
Локацијата е избрана од граѓаните како една од 7-те локации во Скопје идентификувани во рамките на Иницијативата на „Скопје лаб“ и УНДП што започна во 2018 година. Овој процес подразбираше директно вклучување на граѓаните не само во изборот на локациите, туку и во идентификување на нивните потреби на секоја од овие локации поединечно. Вклучени беа различни возрасни групи на граѓани во процесот преку користење квалитативни и квантитативни методи – онлајн прашалници, теренски интервјуа, опсервација, фотодокументација. Се идентификуваа потребите на граѓаните кои живеат на локациите, гравитираат или поминуваат низ нив. Дополнително се мапираа дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.
Резултат од овој процес се 7 концепт-дизајни на „Скопје лаб“, подоцна разработени во елаборати за изведба, кои се водилка за нивното понатамошно уредување од Градот Скопје и од општините.
„Оваа активност е дел од уредувањето на сериозно запуштени простори во нашиот град, ова е дел од зазеленувањето на нашиот град, кажав веќе дека над 115.000 метри квадратни се досега зазеленети, а есенската сезона е пред нас. Така што подобрувањето на уловите на живот во инфраструктурата, како и на микролокациите се нашиот императив за да го подигнеме квалитетот на нашето урбано живеење во градот“ – додаде Шилегов.
На почетокот на активностите за уредување на новиот зелен сквер кај „Млин Балкан“ присуствуваше и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

