Македонија
Град Скопје: Суетата на Мицкоски е поважна од потребите на граѓаните, одлуката да не се доделат средства за проектите ја потврдува секташката ментална состојба на владата
Одлуката на Владата да не додели средства за проектите за кои аплицираше градот Скопје уште еднаш ја потврдува секташката ментална состојба на владата предводена од Христијан Мицкоски. Со оваа одлука докажа дека неговата суета е поважна од било која потреба на граѓаните, а со неистомислениците се пресметува со сегрегација и политички прогон, докажувајќи дека нема никаков демократски ни лидерски капацитет, велат од Град Скопје.
„Спротивно на ветувањата дека од средствата од унгарскиот кредит ќе се финансираат проекти во сите општини, без разлика на политичката определба на раководствата на локалните самоуправи, со вчерашната одлука се потврди за неточна. Единствено се потврди очекуваното секташко однесување на Мицкоски кое е насочено кон пресметки со неистомислениците и за кој државата, граѓаните и нивните потреби се очигледно на последно место.
Колку за споредба, најзадолжената општина во Р.Македонија, општина Гостивар добива 2.7 милиони евра за проекти иако должи преку 108 милиони евра потрошени од буџетот, додека градот Скопје не добива ниту еден проект иако аплицираше со 20 проекти со целосно обезбедена проектна документација, ЗА РАЗЛИКА од дел од општините, на кои Мицкоски им додели средства и покрај тоа што немаат проекти.
Мицкоски никогаш немал намера да се грижи за потребите на граѓаните и проектите кои се важни за нив. Единствена грижа на овој човек е обезбедување на поголема власт за да може да ги реализира своите планови и преку своите општини да извлекува средства“, се додава во соопштението.
За потсетување, како што велат, Град Скопје достави проекти согласно објавениот јавен повик на Владата за поддршка на општините, со цел унапредување на квалитетот на живот на жителите на Скопје.
„Над 20 поднесени проекти се со фокус на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација, како и од областа на културата.
Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура, се аплицираше со проекти за реконструкција на улица Беласица, изградба на булевар Македонско Косовска Бригада од раскрсница со булевар Никола Карев до раскрсница со булевар Босна и Херцеговина, кружен тек на улица Ѓорче Петров со булевар Македонска војска, изградба на кружен тек на булевар Александар Македонски, изградба на кружни текови на булевар 12-та Македонска бригада, реконструкција на булевар Србија и проект за обнова на градежната механизација.
Во областа сообраќај, Град Скопје поднесе проекти за 80 еколошки ЦНГ автобуси и 15 електрични автобуси. Во областа на противпожарната заштита, се аплицираше за обезбедување нови противпожарни возила.
Од областа на комуналните дејности, Град Скопје поднесе проекти за зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, како и за реконструкција на стакленици за производство на садници. За секторот култура и спорт, се поднесоа апликации со проекти за реконструкција на планетариумот и изведба и поставување на трим тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар.
Со цел имплементирање повисок степен на дигитализација и информациски технологии во Град Скопје се поднесе проект за LoRaWAN инфраструктура, како и за систем за паметно мерење и управување со електрична енергија“, појаснуваат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерот Мисајловски на состанок на Северноатлатнскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана
Министерот за одбрана Владо Мисајловски од денеска учествува на дводневениот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана, во Брисел.
Ова е прв состанок на НАТО на високо ниво по Самитот во Вашингтон и воедно прв состанок што го води новиот генерален секретар Марк Руте.
На одделните сесии, главни теми за дискусија се: одвраќањето и одбраната на Алијансата, поддршката за Украина, и зајакнувањето на соработката со земјите од Индо-пацификот.
Целта на состанокот е преглед на имплементацијата на одлуките од Самитот во Вашингтон во насока на зајакнување на капацитетите на Алијансата за одговор на растечките закани и предизвици.
Денеска беше оддржан и Состанок на земјите членки на Глобалната коалиција за борба против ИСИС, во организација на САД, со која претседаваше секретарот за одбрана Лојд Остин. Од страна на Министерот Мисајловски беше потенцирано дека справувањето со тероризмот останува од суштинско значење за колективната одбрана, во рамките на која македонската Влада ќе продолжи да соработува со своите сојузници.
На сесијата со глобалните партнери, покрај висок претставник на Европската Унија, за прв пат се поканети и министрите за одбрана на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Република Кореја, на која се разговараше за тековните предизвици и неделивоста на глобалната безбедност.
Посебна сесија е посветена на јакнењето на соработката со Украина и јакнењето на глобалните партнерства. Во присуство на претседателот Володимир Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров, ќе се разговара за новата НАТО Команда за координација на помош и обука за Украина, финансиската поддршка и за другите иницијативи што ќе овомзможат долгорочна помош.
На маргините на состаноците, министерот Мисајловски оствари одделни билатерални состаноци со своите колеги од Албанија, Норвешка и Словенија, и се заложи за понатамошно зајакнување на билатералната соработка во областа на одбраната.
Македонија
МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија
Претседателството на МАНУ укажува дека Академијата никогаш не се занимавала и нема да се занимава со дневнополитички расправи и партиски дискусии, кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, односно со работи кои спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и на државните институции, се наведува во соопштението од МАНУ во однос на најавите од некои политички партии за основање на академија на етничките Албанци во Македонија.
– Напоменуваме дека во Македонија, како и во земјите во регионот и во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Постојат примери во државите во регионот и пошироко за формирање на т.н. струкови академии во рамките на соодветни стручни здруженија (Академија за архитектура, Академија за медицински науки и др.), како и други научно-уметнички друштва во поголемите градови и во регионалните центри, но нема примери за формирање на паралелни национални академии, се подвлекува во соопштението од Претседателство на МАНУ.
„МАНУ секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и од каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа. Од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другото, во последните петнаесетина години, во составот на МАНУ членуваа четири члена со албанска етничка припадност (од коишто, во трите последователни раководства, еден од нив ја извршуваше функцијата научен секретар, а двајца беа потпретседатели на Академијата, од кои еден и со мандат во актуелното раководство на Академијата), како и четири члена надвор од работниот состав“, посочуваат оттаму.
МАНУ, се наведува во соопштението, претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, формирана во 1967 година, во согласност со највисоките универзални научни и уметнички стандарди и критериуми. Таа, повеќе децении наназад, со својата научно-истражувачка дејност, преку своето творештво и со советодавната улога, претставува столб во градењето и во зачувувањето на идентитетот и на државноста на македонскиот народ и на деловите од другите народи кои живеат во земјата.
Македонија
Почина композиторот Љупчо Константинов
Почина познатиот композитор Љупчо Константинов. Константинов беше препознатлив по неговата музика „Среќна нова 49“, „Македонска сага“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Јужна патека“, „Хај-фај“ и други.
Од неговата песна „Еј ти, младо момче“ во изведба на групата „Индекси“, неговата наградувана и изведувана авторска музика се смета за македонско музичко богатство.
Тој дипломирал на Музичката академија во Белград. Компонирал музика во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број на телевизиски филмови, серии и драми.
Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста. Композиторот во 2019 година ја доби ѝ наградата „Голема ѕвезда“ на македонскиот филм на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, а ја добил и наградата „Златен објектив“ за 2023 година, која ја доделува Кинотеката на Македонија.