Македонија
„Гранд Скопје“: Почна продажбата на домови во Grand View – новото резиденцијално поглавје во мултинаменскиот комплекс во епицентарот на Скопје
Комплексот „Гранд Скопје“ ја збогатува својата понуда со уште еден репрезентативен објект – Grand View, новата станбена зграда што носи свежина и современи стандарди во урбаното живеење. Со фокус на квалитет, функционалност и одржливост, „Гранд Скопје“ веќе е во центарот на вниманието на пазарот на недвижности и се наметна како еден од најпосакуваните комплекси за домување и за водење на бизнис во Скопје.
Ексклузивната локација е достапна за сите преку отворената продажба што официјално започна минатата недела. Голем интерес за Grand View беше забележан уште пред неколку месеци, кога се отвори можноста за рана регистрација.
Grand View ги продолжува високите стандарди на комплексот, со уникатен архитектонски дизајн и премиум содржини што нудат удобност за живот и работа во срцето на градот.

„Новата Гранд зграда – Grand View располага со широк избор на станови, со различни големини и распореди, овозможувајќи секој да пронајде простор кој одговара на неговиот стил и потреби – од комфорни домови за семејства до модерни простори за индивидуалци. Живеењето во Grand View нуди беспрекорна поврзаност со сите потреби на современото живеење што ги нуди самата локација на комплексот, панорамски погледи, непосреден пристап до зелениот урбан парк инкорпориран во комплексот, како и други разновидни содржини“, велат од „Гранд Скопје“.
Една од основните карактеристики на Grand View е енергетската ефикасност овозможена со фасади, кои вклучуваат термоизолација и ниско-енергетско стакло што придонесуваат за оптимална заштеда на енергија и активно ја поддржуваат заштитата на животната средина. Ова значи помали трошоци за греење и ладење, како и одговорен однос кон природните ресурси, појаснуваат од „Гранд Скопје“.

Иако за многумина живеењето во центарот на градот е незамисливо без сообраќај и метеж, комплексот „Гранд Скопје“ го нуди токму тоа. Една од најголемите предности на „Гранд Скопје“, а со тоа и на идните станари во Grand View, е целосното ослободување на комплексот од сообраќај, со што се создава пешачка зона наменета за социјализација и одмор.
„Тоа е овозможено преку паркирањето кое е решено со три подземни нивоа, каде што се наоѓаат 1.000 паркинг места отворени за користење и од страна на станарите и на посетителите правејќи ја оваа целина обединувачка за целиот град. Со иста намена е и урбаниот парк, кој се протега на површина од 7.500 м² и кој ќе претставува вистинска оаза за сите посетители кои сакаат да уживаат во урбан амбиент“, велат од „Гранд Скопје“.
Во рамките на комплексот, жителите и посетителите ќе имаат пристап до премиум продавници, кафулиња и ресторани, како и до деловни простории сместени во отворената шопинг галерија. Овој мултифункционален концепт овозможува сè што е потребно за секојдневниот живот да биде достапно на само неколку чекори од дома.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Работници од Индија кои никогаш не виделе снег, за прв пат му се радуваат овде во Македонија
Работниците од Индија кои работат на автопатот Прилеп-Битола и се сместени во кампот на “Бехтел и Енка”, за прв пат гледаат снег во Македонија, па одлично се забавуваа и уживаа во белата покривка.
Македонија
Левица обвинува за злоупотреби со земјоделски субвенции во Кавадарци
Поранешниот началник на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кавадарци, Митко Керов, член на СДСМ, со години злоупотребувал лични податоци на граѓани за незаконско осигурување на земјоделски поседи и прибирање државни субвенции, обвинија денеска од ПП Левица.
Според партијата, Керов во соработка со осигурителни компании осигурувал поседи во сопственост на граѓани, најчесто возрасни лица кои не користат електронски услуги на Министерството, без нивно знаење и без нивно присуство при склучување договори.
„Таргет на поранешниот началник биле возрасни граѓани кои вообичаено не пристапуваат на софтверите за услугите на Министерството, со што тие воопшто не би дознале дека нивните поседи се осигурани“, велат од Левица.
Од партијата наведуваат дека Керов ги осигурувал поседите, аплицирал за субвенции за покривање на осигурителните премии и од тие средства добивал лична корист, а за граѓаните станало јасно што се случува дури откако нивните поседи биле оштетени од мраз во изминатите неколку сезони.
„Земјоделците, при аплицирање за обештетување преку јавните повици во општините, биле одбиени со образложение дека нивните поседи се веќе осигурани, иако тие никогаш самите не аплицирале“, посочуваат од Левица.
Според наводите, во обид да ја прикрие ситуацијата, Керов преку физичко лице – неговиот татко И. Керов – уплаќал симболични суми на сметките на дел од оштетените земјоделци, со опис на дознаката „Штета за 2024 година“.
„Очигледна е ноторната злоупотреба на службената положба и овластување, како и злоупотреба на државни средства за субвенционирање“, нагласуваат од партијата.
Од Левица дополнително обвинуваат дека за случајот биле информирани структури од ДПМНЕ, но наместо да постапат, свесно молчеле и вршеле притисок скандалот да не излезе во јавност.
„Наместо институционална реакција, се прават обиди за релативизирање и заташкување на случајот, со цел да не се отвори поширока истрага која би ја разоткрила целата мрежа на корупција“, велат од Левица.
Партијата го повикува Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери сметките на членовите на семејството Керови, сопствениците на осигураните поседи, како и да ги испита наводите од граѓани од Кавадарци и Росоман.
„Доколку има потреба, истрагата треба да се прошири и во други локални самоуправи и да се преземат соодветни мерки“, порачуваат од Левица.
Македонија
ССМ повикува на масовен протест за плати: „Ова е борба за достоинството на работниците“
Сојузот на синдикатите на Македонија најави масовен работнички протест што ќе се одржи на 28 јануари во 17 часот во Скопје, со главно барање зголемување на работничките плати и покачување на минималната плата на 600 евра. Протестот ќе започне пред Работничкиот дом, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
Во отворено писмо до работниците, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порачува дека протестот не е прашање на избор или удобност, туку егзистенцијална борба.
„Овој протест не е за ‘ако имаш време ќе дојдеш’, туку за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први. А кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно“, наведува Трендафилов.
Тој обвинува дека работниците се потценети и од работодавачите и од власта, при што едните профитираат од ниски плати, а другите ја користат економската несигурност за политичка контрола.
„На газдите им е важно со ниски плати да им го создавате капиталот, а на властите со ниски плати да ве владеат – сиромашен, но послушен народ“, се наведува во писмото.
Според ССМ, над 200 илјади работници во државата земаат плата под 31.200 денари, што е под прагот на сиромаштија, додека функционерите добиваат значителни покачувања.
„Неправдата е во тоа што за нив има зголемувања од 250 евра и 78 проценти, а за работниците – ништо. Истите тие на кои им ја давате моќта и платата, не водат грижа за вас и вашите семејства“, посочува Трендафилов.
Во писмото се предупредува и на, како што се наведува, обидите работниците да бидат заменети со поевтина работна сила од странство, како и на непочитувањето на колективните договори, поради што дел од вработените се принудени правдата да ја бараат на суд.
„Тие мислат дека не ви треба зголемување на платата затоа што не барате. Ако молчите, тие мислат дека ви е доста“, се наведува во пораката.
Трендафилов потенцира дека протестот е и за оние кои се плашат да излезат јавно, но и за сите граѓани, бидејќи зголемувањето на платите ќе значи и зголемување на пензиите.
„Господата ви личат големи затоа што им клечите. Станете со нас и ќе видите колку се всушност мали“, порачува тој.
ССМ информира дека протестот ќе се одржи по работно време за да можат да присуствуваат што поголем број работници, а ќе биде обезбеден и коридор за итни случаи.
„Јас и луѓето што ги знам ќе бидеме таму. Можеби сами не можеме да промениме многу, но заедно можеме да промениме сè. Овој протест е само почеток“, порачува Трендафилов.
Главното барање на протестот е зголемување на платите за најмалку 6.000 денари преку покачување на минималната плата на 600 евра.
„Изговор да не протестираат за плата може да имаат само газдите и избраните и именуваните. Време е“, завршува Трендафилов.

