Македонија
„Граѓаните на Скопје мрзнат“: Галетановски повика на итни мерки за решавање на проблемите во јавниот превоз
Претседателот на градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галтеновски, упати критики до градската власт поради хаосот во јавниот превоз во Скопје.
Tој предупреди дека граѓаните се оставени на милост и немилост на лошото управување со ЈСП. „Граѓаните на Скопје мрзнат! Утрово се жалат дека повеќе од 40 минути чекале на автобусите со број 5 и 15. Ова е недозволиво,“ изјави Галтеновски. Тој посочи дека и покрај вчерашните уверувања од Град Скопје дека ЈСП ќе вози со полн капацитет, ситуацијата денеска била уште полоша. „ЈСП сè уште е без нафта.
„Претпријатието кое има проблем со автобуси и долгови, сè уште не обезбедило основни ресурси за нормално функционирање,“ додаде Галтеновски, пренесувајќи ја загриженоста на синдикатот на ЈСП, кој оваа состојба ја нарече „голем срам за градот“. Според Галтеновски, ваквото управување не е само прашање на некомпетентност, туку и на целосна негрижа за потребите на скопјани.
„Срам за Град Скопје и за оние што го водат. Градот не е приватна фирма за експериментирање. Ако градоначалничката и Советот не можат да ја завршат својата работа, време е да си заминат,“ истакна тој.
Претседателот на градската организација на СДСМ повика на итни мерки за решавање на проблемите во јавниот превоз.
„Потребно е итно решение за јавниот превоз на скопјани. Град Скопје заслужува подобро од ова,“ потенцира Галтеновски.
СДСМ апелира до градските власти да преземат одговорност и веднаш да ги обезбедат потребните ресурси за нормално функционирање на јавниот превоз, бидејќи трпението на граѓаните е на граница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

