Македонија
Грковска: Само со политички консензус и зрелост кај сите партии може да воспоставиме цврст систем заснован на заслуги
Во организација на кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи (IFES), се одржа тркалезна маса на тема: „Преглед на законската рамка и праксата во назначувањето директори и раководни лица: предизвици и можни решенија“. На настанот беше презентирана истоимената анализа на истражувачот Миша Поповиќ, која покрај прегледот на правната рамка и практиките за уредување на процедурите за назначување раководни лица, содржи препораки за надминување на слабостите.
Во изјава за медиумите пред почетокот на настанот, вицепремиерката Грковска истакна дека за ова прашање мора да има политички консензус и дека е потребна политичка зрелост кај сите политички партии, без разлика дали се во опозиција или на власт, затоа што тоа е за доброто на државата.
„Човечките ресурси, особено оние што се и компетентни, професионални и со вградени вредности на интегритет и одговорност, не се неограничени. Напротив. Токму затоа мора да создаваме услови и атмосфера во која тие нема да бидат лишени од можноста да напредуваат и да раководат со институции, а не да ги напуштаат или да ги сметаат за неатрактивни за работа од аспект на нивниот професионален и кариерен развој. Затоа е важно воспоставувањето цврст систем заснован на заслуги. На тој начин јавниот сектор ќе може да ги привлече, но и да ги задржи компетентните лидери, кои со своето раководење ќе придонесат за ефективна и ефикасна работа на институцијата, претпријатието или која било организација“, истакна вицепремиерката Грковска во своето воведно обраќање и додаде дека клучна цел на именувањата во раководни структури во јавниот сектор треба да биде овозможување подобри услуги за граѓаните.
Осврнувајќи се на наодите од анализата, вицепремиерката Грковска додаде дека правните празнини и дилеми, како и дискреционите овластувања, несомнено се ризик за интегритетот и за назначувањето засновано на заслуги во рамките на раководната служба. Лоцирањето на слабостите во правната рамка на ова поле мора да води кон конкретни реформи во насока на подобрување на транспарентноста и објективноста при назначувањата за да се зајакне довербата на граѓаните во институциите и во системот во целост.
На настанот се обрати и Јоана Косма, директорка на IFES во земјата, со чија поддршка беше изработена анализата за законската рамка и праксата во назначувањето директори и раководни лица, а по презентацијата на Миша Поповиќ, свои согледувања на темата споделија Драган Малиновски и Константин Битраков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

