Македонија
Грковска – Сидорф: Спортот е моќна алатка за промоција на позитивни општествени промени и вредности
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, одржа онлајн-средба со Кларенс Сидорф, глобален амбасадор на УЕФА за диверзитет. Сидорф е најуспешниот фудбалер во холандската историја и еден од шесте луѓе во светот што Нелсон Мандела ги избрал како „шампиони на наследството“.
Двајцата соговорници се согласија дека споделуваат заедничка визија и заложби насочени кон позитивни социјални промени и дека преку спортот се шират благородни вредности и идеи, кои имаат особено значаен ефект кај младата популација. Имајќи го предвид глобалниот активизам на познатиот холандски фудбалер, таа упати покана до него да ја посети Северна Македонија во наредниот период оценувајќи дека неговата посветеност и ентузијазмот за промоција на вредности и инклузивност во општеството ќе има значаен одек и позитивен придонес во земјата и во целиот регион.
На состанокот се разговараше за можностите за заедничка соработка за справување со корупцијата во спортот, како и за активности преку кои се отвораат можности за спортување на сите, особено за децата со попреченост.
Вицепремиерката го информира Сидорф за активностите што нејзиниот кабинет ги презеде а во изминатиот период, вклучително и за адресирање на проблемот со корупцијата во спортот во домашната легислатива. Таа се осврна и на потребата за подигнување на јавната свест за адаптирање на спортските објекти во земјата, во насока на овозможување спортски активности за лицата и децата со попреченост.
Кларенс Сидорф стана познат глобален активист по завршувањето на неговата кариера како фудбалер и го користи влијанието на спортот за промоција на позитивни општествени промени и создавање подобар свет преку неговата Фондација „Шампиони за децата“, основана во 2004 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

