Македонија
Грковска: Строгите ограничувања за подароци и други бенефиции ќе го јакнат интегритетот на јавните функционери и службеници
„Интегритетот е најважниот превентивен механизам кога станува збор за справување со корупцијата, но сложеноста на светот во кој живееме и мноштвото релации и разновидни интереси, кои се дел од политичкиот пејзаж, ја наметнуваат потребата од јасно регулирање одредени прашања. Во таа насока, регулирањето на подароците што ги добиваат функционерите е парче од таа голема сложувалка, а правилата за прифаќање и известување за подароци се наменети да се избегнат ситуации кои би можеле да го загрозат интегритетот и да создадат простор за влијание од страна на разни интересни групи и поединци“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во своето обраќање на тркалезната маса на тема „Пријавување и управување со примени дарови и други погодности: каде сме и што треба да направиме?“
Настанот, во организација на Кабинетот на вицепремиерката Грковска и Меѓународната фондација за изборни системи, a во соработка со УСАИД, беше инициран од потребата за имплементација на препораките на ГРЕКО за унапредување на регулативата за прифаќање подароци и погодности.
„ГРЕКО ја повторува важноста од воспоставување строги ограничувања во однос на подароците и другите бенефиции и го истакнува ризикот од размена на поволности во ситуации каде што има прекумерно пријателство меѓу политичарите и деловната заедница. Од сето ова јасно е дека ова прашање мора да се адресира и токму денешниот настан е дел од активностите со кои целиме кон примена на овие важни препораки што нашата држава ги добива во континуитет“, изјави вицепремиерката Грковска.
Методија Димовски, генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, се осврна на постојните правила на ова поле и на насоките за пријавување и управување со примени дарови и други погодности, кои ќе бидат усвоени во наредниот период. „Избраните и именуваните лица, како носители на јавни функции, имаат обврска да ги извршуваат своите функции во согласност со интегритетот, на законски, независен, непристрасен, етички, одговорен и транспарентен начин, штитејќи го својот углед и угледот на институцијата за која се одговорни, да ги отстрануваат ризиците и сомнежите за можности за појава и развој на корупција и на тој начин да обезбедат доверба на граѓаните во вршењето на јавните функции и во работата на јавните институции“, истакна Димовски.
Поздравувајќи ја активноста на Кабинетот за политики за добро владеење во адресирањето на овие прашања, директорката на МФИС за Северна Македонија, Jоана Косма, истакна дека подароците и другите погодности не се доволно регулирани, особено во делот на санкциите. „Во поглед на пристапувањето во ЕУ, ние силно веруваме дека регулирањето на оваа сфера ќе донесе огромен напредок, особено во првиот кластер ‘Основи’“, нагласи Косма.
Во рамките на настанот, меѓународната експертка при МФИС, Лиса Клеин, ја презентира споредбената анализа „Правила и процедури за примање и известување за дарови од лица на кои им се доверени високи извршни функции“. Целта на анализата е да се согледаат најдобрите европски практики на ова поле за потоа да се инкорпорираат и на национално ниво.
Оваа компаративна студија и дизајнирањето специфични мерки и процедури се дел од спектарот на активности за борба против корупцијата, а особено во делот на јакнење на интегритетот при извршувањето на јавните функции. На настанот присуствуваа претставници на повеќе институции на централно ниво, а осврт на праксата во Северна Македонија дадоа и заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, и експертот Драган Малиновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.
На средбата министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.
Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови
Македонија
Гаши – Грлиќ Радман: Континуирана и цврста поддршка за евроинтеграциите
Претседателот на Собраниетo на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на државата. На средбата присуствуваше и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на европската перспектива на државата, како и за севкупната билатерална соработка што се развива во духот на меѓусебна почит, разбирање, солидарност и партнерство. Тој нагласи дека особено се цени подготвеноста на Хрватска да ја споделува својата драгоцена експертиза и искуство од процесот на пристапување и водењето на преговорите за членство.
Беше истакната и важноста на сојузништвото и соработката во рамките на НАТО, каде што двете држави се силно посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности, принципи и одговорности на Алијансата.
Двајцата соговорници се сложија дека политиката на проширување на Европска Унија претставува стратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на регионот како и на целиот европски континент, а беше поздравена и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со што Република Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер.
Исто така, соговорниците нагласија дека Република Северна Македонија и Република Хрватска секогаш негувале пријателски однос, базиран на висока почит кон човековите, националните, културните права на малцинствата кои студираат, работат или живеат во двете држави, што претставува позитивен пример во регионот и пошироко.
Гаши изрази увереност дека посетата на министерот Грлиќ Радман ќе придонесе за дополнително зацврстување и унапредување на односите меѓу двете држави на сите полиња од заеднички интерес, како и дека Република Северна Македонија и натаму ќе смета на силната хрватска поддршка за нејзина интеграција во Европската унија.
Македонија
Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
Претседателите одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на албанската делегација.

Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи, кои се традиционално пријателски и партнерски, како и можностите за нивно понатамошно продлабочување во повеќе сфери од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења за европските аспирации на двете држави, соработката во рамките на НАТО алијансата и актуелната безбедносна состојба на европскиот континент, како и за соработката во рамки на регионалните иницијативи.

Беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и институционалната соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.

