Македонија
Груби до колегите од ЕУ: Дајте ни шанса
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, до колегите во ЕУ испрати писмо во кое од името на пратениците и членовите на Комисијата побара шанса за почеток на преговорите со Унијата.
Во писмото Груби вели дека нашата определба за ЕУ-членство е недвосмислена, натпартиска и потврдена од овој состав на Собранието, со едногласно донесување на Декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за членство во Европската Унија од страна на сите политички партии.
Тој во писмото споменува дека Македонија од 2009 година добива препораки за почеток на преговорите, а исто така се осврнува и на договорот со Грција за промената на уставното име и договорот за добрососедство со Бугарија, со што, како што вели Груби, ги потврдивме нашите заложби за негување на добрососедските односи со сите наши соседи, што е предуслов за просперитет и развој.
Покрај тоа, додава Груби во писмото, земјата посветено работеше на реформските задачи во судството, борбата против корупцијата, разузнавањето и реформите во безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, а кои ни беа посочени на ланскиот совет на ЕУ како клучни за добивање датум.
„На крајот, дозволете ми да завршам со апел и молба до вас, вашиот парламент и вашата влада, да ни дадете поддршка за нашиот европски сон со потврдување на препораката за добивање датум за почеток на преговорите на советот во јуни затоа што нашите граѓани, нашата земја, тоа го заслужува. Сите ние, нашето општество, очекуваме позитивна одлука на советот во јуни како признание за нашите заеднички напори. Датумот ни ја отвара вратата од училницата, каде што ќе треба постојано да учиме и да ги положиме 35-те испити за на крајот да дипломираме. Вие пријателски нѐ охрабрувавте да покажеме лидерство и да ги решиме сите наши прашања, како што и впрочем направивме, а сега исто така ние пријателски ве охрабруваме да ни дадете шанса нам и на обединета Европа“, пишува Груби во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бесплатен интернет во новиот парк-плоштад во Марино
Општина Илинден во соработка со Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ) започна со реализација на активностите за поставување бесплатна јавна WiFi мрежа на новиот парк-плоштад во Марино.
„Проектот е дел од иницијативите за унапредување на дигиталната поврзаност во регионот на Западен Балкан и претставува значаен чекор кон модернизација на јавните простори и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Со имплементацијата на оваа услуга, посетителите на парк-плоштадот ќе имаат можност за бесплатно и неограничено користење на интернет, овозможувајќи полесна комуникација, пристап до информации и дигитални услуги додека уживаат во погодностите на овој урбан простор“, велат од Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека дигитализацијата на локално ниво претставува стратешки приоритет на општината, при што нагласи дека континуираното вложување во паметни и иновативни решенија е насочено кон создавање модерна, функционална и урбана средина, која одговара на потребите на граѓаните и на современите општествени текови.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.

