Македонија
Груевски во Брисел се жалел на притисок врз медиумите од новата влада
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на средбите во Брисел и на самитот со лидерите на европските национални партии тврдел дека со доаѓањето на новата власт има притисоци врз медиумската сфера во Македонија и врз судството.
„Денот го почнав со средба со шефицата за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, и на таа средба се задржав на две работи. Најпрво, на потребата што поитно Република Македонија да биде интегрирана во ЕУ, а се разбира и во НАТО и на потребата да се внимава за понатамошните случувања и процеси во Македонија. Тука имам предвид што се се случува со медиумскиот сектор во Македонија по доаѓањето на новата власт. Загушувањето и притисоците врз медиумите, особено врз сопственицитe на медиуми, вклучително и притисоците на Специјалното јавно обвинителство и на намерите на новата власт за партизација на судството. Преку наметката на нови реформи во судството, практично се има намера за партизирање и целосна контрола врз судскиот систем во Република Македонија“, соопшти Груевски во Брисел.
Тој пред лидерите ја претставил и актуелната политичка ситуација, оценувајќи дека во Македонија имало успешни избори на кои победила ВМРО-ДПМНЕ, но дека по првпат по долг период се прекршило правилото „победник со победник“ и се формирала нова Влада, која засега само говори, но не прави реформи, туку стопира проекти на претходната влада, посочил Груевски.
Исто така, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, која е придружна членка на европските демохристијани, тој укажал и на чувствителноста од притисокот и заканите врз сопствениците на медиумите, врз медиумите и новинарите. Тој истакнал дека во Македонија постои една од најлошите ситуации во историјата на Македонија во која „се гуши медиумскиот простор и се тераат сите медиуми да информираат само афирмативно и никако критички за новата Влада, што не е добро за демократијата“. Груевски говорел и за ризиците од партизација на судството за кои според него се наѕираат намерите на СДСМ да го направат.
По завршувањето на Самитот на ЕПП, Груевски остварил средба со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, на кој според него разговарал за потребата Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ.

„Не дознав ништо од него што се договорило на средбите, минатите два дена во Софија и нормално е тоа да го дознаеме ние како опозиција и македонската јавност од моменталниот македонски премиер. Но, тие ги знаат нашите позиции, ги реафирмирав позициите на ВМРО-ДПМНЕ по прашањето на договорот за пријателство со Бугарија. Истиот треба да се потпише, но се разбира, треба да се внимава што ќе содржи тој и тоа да нема понатаму последици ниту за Бугарија, ниту за Македонија, македонскиот народ и за македонскиот јазик“, изјавил Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

