Македонија
(Фото) Дали ќе трае пет месеци или пет години – никој не може да каже, рече судијката Груевска-Илиевска на почетокот на судењето за „Пулс”
Со посебна почит кон болката на семејствата на загинатите, судијката Диана Груевска-Илиевска на почетокот на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, кој однесе 63 животи, рече дека никој не може да претпостави колку време ќе трае постапката. Таа ги повика сите учесници на дисциплина за да може да се дојде до вистината и правдата.


„Не можеме да ви гарантираме брзина, да форсираме, затоа што со секое брзање може да се направи грешка и потоа да се влече цело време и да пропадне предметот, меѓутоа ќе направиме се овој процес да се одвива онака како што треба. Колку ќе трае, во овој момент, никој не знае. Дали ќе трае пет месеци, пет години и така натаму, да не испадне дека јас прејудицирам нешто, меѓутоа буквално тоа никој не може да го знае. Јас апелирам и барам од сите дисциплина. Ако почнеме редовно сите да доаѓаме, да не бараме изговор овој дошол овој не дошол, заради ова-заради она, да не се одолговлекува заради тоа постапката, мислам дека редовно ќе си тече и како што сите сакаме, ќе си дојдеме до вистината и нормално до правдата“, рече судијката Груевска-Илиевска.
Најави транспарентност за време на судењето, а оштетените ги замоли на судењата да се договорат да испраќаат по еден член, кој подоцна ќе им ги пренесува информациите, оти и најголемата судница во земјата се покажа тесна.


Судијката повика на дисциплина на судењата и нагласи дека секој што нема да ги почитува правилата на игра ќе биде опоменат, а втора опомена ќе значи исфрлање од судницата или глоба.
За заштита од непотребни одлагања, судијката рече дека судот дополнително ќе ги проверува сите лекарски белешки.
Судењето почна утрово, но повеќе од еден час трае евиденција на присутните.
Ова е најголемо судење во земјата со обвинети 35 физички и три правни лица, 15 обвинители, а многумина од обвинетите имаат и по двајца адвокати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

