Македонија
(Видео) Данев: Баравме еден час пауза за да дадеме шанса на демократијата

Баравме еден час пауза за да дадеме шанса на демократијата. Бевме сигурни дека ќе преовлада разумот и дека ќе го повлечете ова скандалозно решение, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.
„Демонстрирате неразумно политичко однесување. ВМРО-ДПМНЕ учествуваше во реформските закони и гласаше затоа што не се водеше од партискиот интерес туку од оној на граѓаните“, рече Данев во Собранието.
Претходно, заменик-министерот за правда ја образложи потребата за измена на изборниот законик образложувајќи пред пратениците дека се работи за измена на членот 27 со цел да се деблокира процесот за избор на ДИК.
„Определни закони бараат двотретинско мнозинство, како изборот на ДИК. Сепак, ваквото решение не смее да се претвори во спротивност, опозицијата да блокира. Венециската комисија го опфаќа и овој проблем. Владата предлага измени да се избрише двотретинско, и да влезе на сила на денот на објавување во Службен весник, по скратена постапка“, рече Ристовски.
Предлогот кој Владата го достави до Собранието за измени на изборниот законик е со европско знаменце, а во образложението се наведува дека целта е да се деблокира процесот за избор на ДИК. Од Владата бараат измените на изборниот законик да се гласаат по скратена постапка, но опозицијата не се согласува со овој предлог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.