Македонија
Да им се конфискува имотот на Груевски, Димовски и Протоѓер, побара СЈО
На денешното судење за предметот „Титаник“ специјалното јавно обвинителство побара на дел од обвинетите, вклучувајќи го и поранешниот премиер Никола Груевски, да им биде конфискуван имот. Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски и Леко Ристовски ќе треба солидарно да ѝ вратат на државата 2,2 милиона евра доколку кривичниот суд ги осуди за виновни во предметот „Титаник“. Обвинителите од тимот на Катица Јанева напишале дека за финансирање на изборната кампања во 2011 година лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и поранешниот шеф на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, треба да вратат во буџетот 567 илјади евра. За изборната кампања во 2012 година СЈО од Никола Груевски, Илија Димовски и Леко Ристовски побарува 673 илјади евра. Еден милион евра е сумата што обвинетите, доколку бидат осудени, треба да ја платат за изборната кампања во 2014 година. СЈО од нив четворица побарува сума од над 2,2 милиона евра.

Во обвинителниот акт за предметот „Титаник“, во кој се опфатени 21 обвинет, пишува дека Никола Груевски и Мартин Протоѓер од мај до јуни 2011 година како организатори на изборната кампања користеле недозволени средства за изборна кампања, кои потекнуваат од неидентификувани извори. Спротивно на Изборниот законик, не го пријавиле изворот на финансирање, со што го злоупотребиле законското овластување како организатори на изборната кампања. На идентичен начин во 2013 година Илија Димовски и Леко Ристовски, поттикнати од Никола Груевски како соизвршители во кривичното дело, користеле недозволени средства за изборната кампања. Според обвинението, поранешниот генерален секретар на Владата водел евиденција и парите ги чувал како готовина. Истиот принцип за уплата бил користен и за изборите во 2014 година. Во прилог на обвинението СЈО достави и записници од сослушување сведоци и обвинети и докази.
Никола Груевски сторил кривично дело „злосторничко здружување“ и продолжено кривично дело “злоупотреба од средствата на изборната кампања и повреда на избирачкото право“. На Мартин Протоѓер му се става на товар и кривичното дело „повреда на слободата на определување на гласачите“, а Миле Јанакиески, покрај другите кривични дела, ќе одговара и за уништување изборен материјал. Пратеникот Илија Димовски, како и Никола Груевски се товарат за злосторничко здружување и продолжено кривично дело „злоупотреба од средствата на изборната кампања“. СЈО за Груевски, Протоѓер, како и за Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска, побара мерка притвор, но Апелациониот суд одлучи само да им ги одземе пасошите и да донесе решение со кое тие еднаш неделно треба да се јавуваат во судот кај шалтерски службеник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

