Македонија
Двајца пациенти се на респиратор, а уште двајца може да завршат на респиратор во „Св. Наум Охридски“, некои се со 60 отсто изгореници
Двајца од хоспитализираните 29 лица во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ по пожарот во дискотека во Кочани се на респиратор, а останатите се во стабилна состојба која постојано се следи оти се менува од час во час. Директорот на болницата, Небојша Настов, вели дека има уште двајца повредени на кои може да им треба респираторна поддршка.
„Засега двајца се на респиратор, но има уште двајца кои потенцијално може да завршат на респиратор во текот на денот и оставам простор евентуално да се влоши состојбата кај некој друг. Со надеж дека тоа нема да се случи. 29 пациенти се вкупно примени. Возраста е од 17 до 45 години. Се прави обработка на изгорениците, примарно отстранување на девитализираното ткиво. Заради тоа што во првиот момент не можете да видите кое ткиво е девитализирано, се прават преврски секој ден или секои два дена и се увидува потреба од отстранување на девитализираното ткиво. Изгорениците тргнуваат од 5-6% стигнуваат до 60% “, вели директорот Настов.
Тој објасни дека има пациенти кои вдишале чад, но и пламен.
„Работата е во тоа што најголемиот дел од изгорениците се во пределот на главата, на вратот и лицето, што подразбира дека најверојатно дошло до вдишување како на гасови така и на пламен. Не можеме да бидеме децидни во моментов колкумина ќе имаат потреба од респиратор“, вели директорот Настов.
Во овој момент, според него, нема барање за лекување во приватни болници или во странство. Понуда за помош на болниците директорот Настов вели дека имаат од Бугарија и од Србија. Евалуацијата на пациентите најави дека ќе ја прават на дневна база, ако има потреба и од час на час и подготвени се доколку има потреба да ги спремат пациентите и да ги испратат на лекување надвор од земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лимани: Нашиот пристап кон развојот на Гостивар е планиран, еднаков и инклузивен
Кандидатот за градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, кажа дека нивниот пристап кон развојот на градот е планиран, еднаков и инклузивен. Тој денеска на прес – конференција презнетираше дел од проектите од неговата изборна кампања.
„Еден од најважните проекти е изградбата на новиот мост над реката Вардар, наречен „Мост на слогата“. Сите административни и правни постапки за овој проект се завршени и напролет започнуваат градежните работи. Мостот ќе има четири сообраќајни ленти, велосипедски патеки и безбедни тротоари за пешаци. Тој ќе ги поврзе градските населби, ќе го олесни сообраќајот и ќе даде реален поттик за економскиот развој на Гостивар“, рече Лимани.
Паралелно, додаде тој, го започнавме и трансформирањето на главниот булевар на градот.
„Тој веќе е завршен до близина на Домот на културата, во должина од 1.657 метри, со четири функционални сообраќајни ленти. Исто така, постигнавме договор со сопственикот на еден од објектите што го попречуваше проширувањето на коловозот, конкретно објектот меѓу општинската зграда и постојниот мост над реката Вардар. Проектот е изготвен и напролет започнува реализацијата на работите за овој дел од Булеварот. Во тек се интензивни разговори и со сопствениците на објектите во другиот дел од Булеварот, од крстосницата на улица ЈНА со крстосницата кон Градската болница. Разговорите се конструктивни, со меѓусебна доверба, и очекуваме договорите да се финализираат во краток рок. Булеварот ќе се претвори во урбано срце на Гостивар, со модерно осветлување, велосипедски патеки и зелени површини за граѓаните. Тој ќе биде функционален и социјален простор, каде што градот се развива заедно со неговите жители. Нашиот пристап кон развојот е планиран, еднаков и инклузивен. Секој граѓанин, во секоја населба и во секое село, ќе биде дел од оваа трансформација. Ви благодарам за вашата доверба. Со визија, работа и одговорност, ќе продолжиме да градиме посилен и помодерен Гостивар – со Гостивар во срцето’, рече Лимани.
На 11 јануари во четири општини: Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа ќе се одржат локални избори, затоа што на изборите што се одржаа во октомври не беше постигнат минималниот процент на излезеност на првиот круг односно помалку од законскиот минимум од 33,33 отсто.
Македонија
ДПИ со засилени контроли: издадени се 96 прекршочни платни налози во износ од 2,8 милиони денари
Државниот пазарен инспекторат во текот на месец декември спроведе засилени инспекциски надзори кај угостителските објекти на територија на цела држава со цел утврдување на почитување на законските одредби од Законот за угостителска дејност и Законот за заштита од пушењето.
Во наведениот период извршени се вкупно 542 инспекциски надзори, односно 269 надзори врз основа на Законот за угостителска дејност и 273 надзори врз основа на Законот за заштита од пушењето.
При извршените инспекциски надзори кај дел од правните субјекти беа утврдени неправилности и согласно законските одредби издадени се 96 прекршочни платни налози во износ од 2.823.870,00 денари. Како резултат на утврдените прекршоци изречени се и 26 мерки – привремена забрана за вршење на дејност.
„Државниот пазарен инспекторат ќе продолжи со спроведување на инспекциските надзори и во наредниот период во пресрет на празниците со цел заштита на јавниот интерес на граѓаните. Упатуваме апел до угостителите да ги почитуваат законските обврски кои се однесуваат на нивното работење“, се наведува во соопштението.
фото/депозитфотос
Македонија
Граделе во заштитена зона на Шара – кривична за двајца мажи
Двајца мажи се соочуваат со кривична пријава откако, според полицијата, нелегално граделе во зона на Националниот парк „Шар Планина“.
Станува збор за Ф.Ш. (65) од Тетово и И.А. (45) од селото Бродец, кои во текот на 2025 година, во атарот на селото Гајре, изградиле шест бетонски столбови без да обезбедат дозвола за градба од Општина Тетово.
Кривичната е поднесена кривична пријава за „бесправно градење“.

