Македонија
Две милијарди денари од државниот буџет ќе се пренаменат за проекти во општините, одлучи Владата
Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница донесе одлука за пренамена на буџетски средства во износ од две милијарди денари коишто ќе бидат насочени за реализација на 66 проекти во најголем дел општини низ целата држава, меѓу кои Град Скопје, Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други.
Со одлуката, предвидено е овие средства да бидат наменети за реализација на проекти со коишто ќе се излезе во пресрет на потребите на граѓаните на локално ниво, како изградба и доградба на образовни и здравствени институции, спортски објекти, потоа реализација на проекти од областа на инфраструктурата, како и проекти од областа на заштита на животната средина со коишто се влијае на подобрување на здравјето на граѓаните.
Од проектите во делот на патната инфраструктура, вкупно 360 милиони денари од Министерството за транспорт и врски ќе се доделат на Град Скопје за изградба на булевар „Хасан Приштина“ во населбата Визбегово. Меѓу поголемите проекти, Министерството за транспорт и врски ќе пренамени 110 милиони денари за реконструкција на улица „8 Септември“ во Горно Оризари, Битола. Средства ќе бидат наменети и за довршување на мостот „Љубљанска“ во Скопје. Министерството за образование и наука пренаменува 100 милиони денари за доградба и надградба на ООУ „Блаже Конески“ во општината Аеродром, а со средства од ова министерство планирана е изградба на ОУ „Климент Охридски“ во село Драчево и изградба на ново основно училиште „Крсте Мисирков“ во Сингелиќ, Општина Гази Баба.
Со средства од Министерството за образование и наука ќе се гради спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец, Охрид, како и реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид.
Ќе се градат и нови градинки. Со средства од Министерството за труд и социјална политика во износ од 60 милиони денари ќе се гради нова детска градинка со капацитет за 100 деца во рамките на ЈОУДГ „Росица“ во Стопански двор, Општина Ѓорче Петров.
Предвидени се и доградби и надградби и на детски градинки во Општина Аеродром.
Во Прилеп, со средства од Министерството за животна средина и просторно планирање во износ од 90 милиони денари ќе се гради фабрика за рециклирање отпад. Од областа на животната средина, предвидена е изградба на пречистителни станици во Чучер Сандево и во Пласница.
Во Општина Илинден ќе се реконструира тамошната амбуланта, за што се предвидени осум милиони денари кои Министерството за здравство ќе ги издвои за оваа намена.
Со владината одлука предвидена е и изградба на спортска сала во Општина Штип со средства од Агенцијата за млади и спорт.
Владата на Република Северна Македонија се грижи за граѓаните и за нивните потреби во сите општини, се дополнува во владината информација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

