Македонија
(Видео) Двојно повеќе поплаки за партиски вработувања и судски неправди
Народниот правобранител изминатата година имал полни раце работа за што говори бројката од речиси 4.500 претставки. Граѓаните најмногу се жалеле на работата на судската власт, на партиски вработувања, односно наместени конкурси, несоодветни услови во затворите и домовите за деца без родители, како и незаконско постапување на полициските органи. Во 2018 биле поднесени дури 947 претставки за работата на судовите и оваа бројка е двојно поголема од претходната година, покажуваат анализите на народниот правобранител.
„Долгото траење на постапките е основен проблем за кој се бара заштита, а голем е и бројот на поплаките на граѓаните што изразуваат незадоволство од судските одлуки за кои сметаат дека се донесени пристрасно, селективно и под притисок на политичка мотивираност“, рече заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска при презентирањето на годишниот извештај за работата на оваа институција.
60 отсто бил зголемен и бројот на поднесени барања за повреда на првата од работниот однос. Граѓаните се жалеле за наместени партиски конкурси, несоодветно распределување на работно место поради партиска припадност, како и на непродолжување на договорите за работа.
„Констатиравме дека продолжува праксата на партиски реваншизам по спроведување на изборите, што особено беше видливо во сфетата на образованието и детската заштита при изборот на кандидати за вработување, но и при трансформација на вработените од определено на неопределено време. Ниту констатациите на инспекциските надзори во однос на избраните кандидати не нè убедија дека на објавените конкурси за вработување се избираат лица со најдобри компетенции“, рече Бајрамовска.
Не се подобрени ниту условите во затворите за кои со години алармира народниот правобранител. Нема подобрување ниту во здравствената заштита, ниту во исхраната ниту во хигиенските услови.
„Проблемот со несоодветен стоматолошки третман на лицата во затворот КПД ‘Идризово’ не е решен, нема вработено стоматолог. Нема ниту здравствен и медицински персонал во текот на целиот ден, а со тоа затворените и притворените лица немаат соодветен медицински третман“, вели заменик-народниот правобранител.
Народниот правобранител и во овој извештај посочува на кршење на полициските овластувања, при што информира дека се поднесени и три барања за казнена одговорност на службени лица кои постапиле незаконски, непрофесионално и со своите постапки ги прекршиле слободите и правата на граѓаните.
„Овие случаи за кои е обезбедена соодветна документација како доказ за примена на физичка присилба, заплашување и нанесување повреди на граѓаните од страна на полициски службеници, кои често се придружени и со навреди по етничка или друга основа, остава сомнеж за начинот на кој се спроведува законот. Кога граѓаните укажуваат на прекумерна употреба на сила, тоа не смее да остане неказнето“, вели Бајрамовска.
Повреди на правата има и во областа на социјалната и детската заштита, потрошувачките и имотните права. Народниот правобранител извештајот го достави до Собранието и бара да се согледаат нотираните слабости и да се изнајдат алатки за ефикасни решенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.
На средбата министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.
Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови
Македонија
Гаши – Грлиќ Радман: Континуирана и цврста поддршка за евроинтеграциите
Претседателот на Собраниетo на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на државата. На средбата присуствуваше и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на европската перспектива на државата, како и за севкупната билатерална соработка што се развива во духот на меѓусебна почит, разбирање, солидарност и партнерство. Тој нагласи дека особено се цени подготвеноста на Хрватска да ја споделува својата драгоцена експертиза и искуство од процесот на пристапување и водењето на преговорите за членство.
Беше истакната и важноста на сојузништвото и соработката во рамките на НАТО, каде што двете држави се силно посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности, принципи и одговорности на Алијансата.
Двајцата соговорници се сложија дека политиката на проширување на Европска Унија претставува стратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на регионот како и на целиот европски континент, а беше поздравена и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со што Република Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер.
Исто така, соговорниците нагласија дека Република Северна Македонија и Република Хрватска секогаш негувале пријателски однос, базиран на висока почит кон човековите, националните, културните права на малцинствата кои студираат, работат или живеат во двете држави, што претставува позитивен пример во регионот и пошироко.
Гаши изрази увереност дека посетата на министерот Грлиќ Радман ќе придонесе за дополнително зацврстување и унапредување на односите меѓу двете држави на сите полиња од заеднички интерес, како и дека Република Северна Македонија и натаму ќе смета на силната хрватска поддршка за нејзина интеграција во Европската унија.
Македонија
Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
Претседателите одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на албанската делегација.

Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи, кои се традиционално пријателски и партнерски, како и можностите за нивно понатамошно продлабочување во повеќе сфери од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења за европските аспирации на двете држави, соработката во рамките на НАТО алијансата и актуелната безбедносна состојба на европскиот континент, како и за соработката во рамки на регионалните иницијативи.

Беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и институционалната соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.

