Македонија
Девет лица приведени за питачење и запуштање и малтретирање на дете
Вчера во времето од 16.00 до 20.00 часот од страна на полициски службеници од СВР Скопје постапено е по план за сузбивање на питачење на подрачјето на Центар и Бит Пазар и притоа се затекнати вкупно 11 лица од кои девет се приведени за сторен прекршок по чл.24 од ЗППЈРМ (питачење), а двајца биле лишени од слобода во полициска станица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело запуштање и малтретирање на дете по чл.201 од КЗ на РСМ.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нов препумпер уред за фекална канализација во населба Илинден
Во рамки на активностите за подобрување на комуналната инфраструктура во општина Илинден се реализираат градежните работи за поставување и монтажа на препумпен уред во населено место Илинден.
Овој препумпен уред се поставува во најнискиот дел на н.м. Илинден и ќе ги зафати водите од фекална канализација на улица „19“ и припадните краци кои се наоѓаат на оваа улица. Препумпниот уред ќе претставува собирно место од повеќе улици од кои дел веќе имаат фекална канализација, но и улици каде во наредниот период ќе се работи на изградба на фекална канализација, извести општина Илинден.

„Увид на градежните работи на терен направи градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој истакна дека отпадните фекални води од овој препумпен уред ќе се препумпуваат во веќе изградената пречистителна станица во населба Илинден и истите ќе се пречистуваат во станицата.
На овој начин се овозможува комплетно зафаќање одведување и прочистување на отпадните фекални води што претставува наша приоритетна заложба во насока на обезбедување квалитетни услови за живот на нашите граѓани како и подобрување и унапредување на животната средина“, се додава во соопштението на општина Илинден.
Македонија
Лекарите открија 10 непотребни операции на срце или неправилно упатени пациенти, засега велат дека не е етички да ги кажат болниците
Непотребно оперирани или неправилно упатени пациенти се пронајдени во десет од анализираните 19 случаи на кои работи домашната Комисија формирана по алармот од кардиологот Сашко Кедев дека во земјава се прават непотребни операции на срце заради заработка. Претседателот на Комисијата д-р Жарко Христовски во оваа фаза вели дека нема да откријат во кои болници се откриени неправилностите и најави конечен, комплетен извештај откога ќе го даде ставот и меѓународната комисија.
„Кога ќе завршиме со комплетниот извештај тогаш ќе можеме да посочиме болници. И досегашните информации се проблематични како можеме да ги издржиме бидејќи не се комплетни извештаите. Кога не се конечни извештаите посочувате со прст кон нешто што не е ниту етички ниту законски “, рече Христвоски.
Досега ги анализирале ангиографските наоди и достапната медицинска документација и Христовски вели дека се на половина од работата, но излегле со првични резултати поради големиот интерес во јавноста. Следува фаза во која ќе влегуваат во здравствените институции, ќе ја проверуваат целосната медицинска документација, а потоа ќе имаат и заеднички средби со меѓународната комисија, за да дојдат до дефинитивна оценка за секој поединечен случај.
„Ова прелиминарен извештај. Втората фаза е заедничка работа, средба со тројца експерти надвор од нашата држава. По завршувањето на анализите од нашата стручна комисија и надворешната стручна комисија ќе имаме прес-конференција со конечен извештај и ќе видиме дали ќе се утврдат истите десет случаи и од страна на таа комисија. На крај тој извештај кај нас ќе биде патоказ за дефинирање на политики во овој дел од здравствениот систем“, рече министерот за здравство Азир Алиу.
До Министерството за здравство и до Фондот стигнеле вкупни 25 пријави за сомнителни операции или упатувања, но комисијата постапувала по 19 од нив оти во шест случи утврдиле дека надлежноста е на Државниот санитарен и здравствен инспекторат каде што ги препратиле случаите.
Меѓународната комисија која ќе има тројца членови се уште не е формирана.
Македонија
Јавноста мора да знае кои клиники и доктори правеле непотребни операции на срце, велат од СДСМ
Скандалот со непотребно извршените кардиохируршки операции кој ја згрозува јавноста мора да има целосна разврска, без да се сокрие и најмал детал, сметаат од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека иако министерот за здравство Алиу веќе утврдил дека за 10 случаи станува збор за непотребно извршени операции или непотребно упатување на операции, сѐ уште не кажува кои се болниците и лекарите што го направиле тоа.
„Ова е апсолутно недозволиво. Објаснувањето дека нема да се откриваат имињата затоа што извештајот не бил конечен остава простор за манипулација со фактите и за менување на наодите. Ваквото презентирање на истрагата и наодите е скандалозно. Дали министерот намерно не соопштува за да може да преговара или разговара со оние што го правеле тоа? Како е можно да е утврдено дека операциите се непотребно извршени, а истовремено извештајот да не е финален? Ако веќе е утврдено, нема ниту една причина да не се соопштат наодите за кои самиот тврди дека се утврдени — а истрагата потоа може да продолжи“, сметаат од опозициската партија.
Според СДСМ, ова е крајно несериозно однесување на Алиу за огромен скандал за кој не смее да има ниту една дамка сомнеж дека нешто се сокрива или манипулира.
„Во интерес на зачувување на довербата во здравството и во здравствените работници, кои колективно трпат штета од ваквото презентирање на наодите, СДСМ бара итно објавување на досегашниот извештај и наодите од него. Итно и транспарентно да се објават клиниките, како и сите поединечно инволвирани во процесот на носење одлука за операција на пациентите за кои, според Алиу, веќе е утврдено дека не требало да бидат оперирани. Секое спротивно однесување на Алиу создава сомнеж за манипулација со конечната верзија на извештајот и неоправдано ги етикетира сите здравствени институции и лекари, наместо точно да ја лоцира одговорноста“, велат од СДСМ.

