Македонија
Демократскиот сојуз: ДУИ и СДСМ го урнисаа правниот поредок, владеат мафијашки

Од Демократски сојуз велат дека со измените на Кривичниот законик, со предлог законот за амнестија и со најавената трета амнестија или ставање во сила на одлуката за аболиција на Ѓорге Иванов, ДУИ и СДСМ дефинитивно го урнисале правниот систем во државата и создале предуслови мафијата да владее во Македонија, да трупа капитал и да ги блокира евроинтеграциите.
„Вакво мафијашко владеење нема ниту во јужноамериканските држави! Многу е опасно што угледни професори по казнено право за пари се ставија во одбрана на измените во Кривичниот законик и амнестијата на тешки криминалци. Во државата никој не верува дека сте загрижени за пренатрупаноста во затворите туку затоа што сте алчни за пари и власт“, велат од Демократски сојуз.
Според нив, со ваквите одлуки само се блокира Македонија на европскиот пат.
„Не можеме да веруваме дека ЕУ и САД очекуваат со овие криминални владини активности да го промените Уставот. Сериозен проблем е тоа што меѓународната заедница не реагира на соодветен начин што власта го злоупотребува како наводна нивна поддршка за ова невидено разнебитување на државата и правниот поредок“, дополнуват од Демократски сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Манасиевски: Преку Еразмус+ доделени над 200 илјади евра на брат на пратеник од СДСМ за дресура на магариња и првење сирење

Валентин Манасиевски oд ВМРО-ДПМНЕ, денеска обвини дека преку Агенцијата „Еразмус +“ биле доделени грантови во вредност од 205 илјади евра на Горан Велковски, брат на тогашниот пратеник од СДСМ, Диме Велковски.
„83 илјади евра за дресура на магариња и 125 илјади евра за правење сирење, СДС преку Еразмус + доделија на братот на нивниот пратеник,“ изјави Манасиевски.
Тој посочи дека остануваат неодговорени повеќе прашања – кој ги одобрил проектите, дали лицата што одлучувале биле блиски до СДСМ и дали на повиците учествувале и други кандидати кои не биле одбрани поради тоа што не биле членови на партијата.
„Тоа што СДС го правеше во Агенцијата Еразмус + беше еден од примерите како тие ја водеа државата. Работа и проекти имаше само за нивни членови, криминалот и корупцијата цветаа, додека одговорност немаше,“ рече Манасиевски, додавајќи дека обвинителството треба да отвори истраги.
Македонија
Реконструиран локалниот пат Бујковци – Мршевци

Општина Илинден изврши комплетна реконструкција на локалниот пат што ги поврзува населените места Бујковци и Мршевци, во должина од 1.100 метри. Во рамки на проектните активности на терен се изврши целосно санирање на постоечката асфалтна површина со поставување на нов асфалтен слој, извести Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во градежните активности и нагласи дека после многу години конечно се реконструира овој локален пат, кој е од исклучителна важност за повеќе населени места од општината како и дека со ова значително се подобрува секојдневието на жителите и се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Дополнително, ќе се постави ново ЛЕД улично осветлување во должина од над 400 метри, како и целосна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација согласно сообраќајниот проект.
„Изградбата на овој локален пат е дел од проектите што ги финансира Владата, а средствата за реализација се 60% од Владата на Република Македонија и 40% од Буџетот на Општина Илинден.
Локалната самоуправа и понатаму останува посветена на реализација на инфраструктурни и развојни проекти, со цел создавање современи, квалитетни и безбедни услови за живот на сите граѓани“, велат од Општината.
Македонија
Привршува реновирањето на училиштата во Аеродром пред почетокот на учебната година

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, утрово ги посети основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“ и „Александар Македонски“, кои ги завршуваат последните подготовки пред почетокот на новата учебна година.
Во ОУ „Браќа Миладиновци“ летово беше реновирана училишната спортска сала, која ќе овозможи подобри услови за спортските активности на учениците. Во основното училиште „Блаже Конески“ се молерисуваат ѕидовите и се поставува фасада на новиот дел од објектот, каде неодамна беа инсталирани прозорци, што значи дека училиштето ќе биде енергетски ефикасно.
Во ОУ „Љубен Лапе“ целосно е реновиран главниот влез, вклучувајќи нова фасада, гранитни нелизгачки плочки на платото и скалите, како и железна ограда за поголема безбедност на учениците. Исто така, се реновираа две училници и се варосаа ходниците на првиот кат, а главниот влез се реновира и во училиштето „Александар Македонски“.
„Нашата цел е секое дете да учи во безбедна и современа средина. Со овие значајни инвестиции во реновирањата на училиштата, создаваме подобри услови за учење и развој на младите генерации во Аеродром. Ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата за квалитетно образование и безбедност на учениците“, изјави Митески за време на посетата.