Македонија
Демократски сојуз: Масовното прислушување е вршено прку системите на МВР
Во врска со судската одлука за „Таргет-Тврдина“, за Демократскиот сојуз од исклучителна важност е тоа што по шест години, Судот потврди дека масовното прислушување е вршено преку системите на Министерството за внатрешни работи, соопшти партијата.
„Злоупотребена е власта за незаконито и неовластено прислушување на обични граѓани, новинари, бизнисмени, носители на политички и државни функции и многу други, со што директно се загрозени приватноста и основните права и слободи. Прислушувањето е вршено од политички и бизнис-интереси, желбата да се владее и да се има неограничена моќ.
Одлуките за осудените нема да ги коментираме почитувајќи го начелото на пресумпција на невиност, но тие ќе имаат силна генерална превенција, во иднина никој да не се осуди да ги крши правата на граѓаните преку нивно неовластено прислушувајте, следење и сл.“, додаваат од партијата.
Овој и другите процеси, како што велат, беа проследени со бројни недоследности, непринципиелности, политички притисоци и договарања.
Според Демократскиот сојуз, многу институции потфрлиле, многумина непрофесионално се однесувале, се кршеле и закони, затоа велат дека мора да се истражат докрај и системските грешки, но и кривичната одговорност на сите кои овие шест години ја опструираа правдата.
Криминалот е зло со кое мора да се справиме, мора да изградиме ефикасен систем за борба против криминалот, криминално стекнатиот имот да се конфискува и задолжително да се изрекува мерка забрана на политичко дејствување, порачаа од Демократски сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

