Македонија
Демократски сојуз: Народот не може да создаде толку колку што власта може да украде

Демократскиот сојуз на сите работници им го честита Меѓународниот Ден на правата, 1-ви Мај.
„Во услови на влошена економско-социјална положба на работниците, единствен гарант се само силни синдикати.
Независни цврсти, добро организирани и меѓусебно координирани синдикати можат да ги штитат и унапредуваат правата на работниците. Слабо платените работници и други работоспособни граѓани ја напуштаат Македонија. Ваквата состојба е резултат на вкупните лоши политики и негрижата на власта и работодавците кон тие што работат и создаваат нови вредности“, велат од Демократскиот сојуз.
Како што велат, Демократскиот сојуз е прва партија која во Македонскиот парламент предложи минимална плата, како што предлагаат и дефинирање на минимална пензија.
„Повеќе од јасно е дека е неопходен системски пристап и вреднување на трудот на секој вработен, но без реформи и борба против високата корупција состојбите нема да се променат. Народот не може да создаде толку колку што власта може да украде“, велат оттаму.
Демократскиот сојуз ги повикува синдикатите, на претстојните избори да се вклучат во промените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стојанче Ангелов ќе зема повисока плата: Владата одобрила покачување

По измената на коефициентот за пресметка на плата, одлука објавена во Службен весник, се зголемува и платата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов. Синдикалните претставници коментирајќи ја ваквата одлука реагираат дека секој заслужува зголемување на плата но работниците заслужуваат повеќе од функционерите.
„Верувале или не, платите растат, само не на работниците“, реагира претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Според него, ако зголемувањето на платите на работниците кое им следува и кое изнесува 12,6% согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, како и потребата од зголемување на минималната плата на 500 евра и за 100 евра зголемување на останатите плати ќе ја зголеми инфлацијата, тогаш зголемување од 13,8% на платата на функционер веројатно исто така влијае на инфлацијата, но изгледа ја намалува ( друго образложение нема), пишува Трендафилов.
Во денешниот Службен весник, појаснува Трендафилов, објавена е Одлука со која платата на функционер избран од Владата е зголемена за 13,8% односно коефициентот од 2,24 се зголемува на 2,55, или точно онолку колку што има предвидено средства во буџетот за раст на платите оваа година.
„Ако се има во предвид дека основица за пресметка на плата на избрани и именувани е просечната плата за претходната година, тогаш моите скромни познавања од математика велат дека :
41.239 ден. x 2,24 = 92.375 ден.
41.239 ден. х 2,55 = 105.159 ден.
Разлика од 12.784 денари зголемување на плата од 1 јуни 2025 година, или раст од 13,8% !
Секој заслужува зголемување на платата, но работниците заслужуваат повеќе од функционерите, а ако нема за зголемување на платите на работниците, како има за зголемување на платите на функционерите“, прашува Трендафилов.
Македонија
Општина Илинден го уредува туристичкиот локалитет „Бучинско езеро“

Општина Илинден информира дека во завршна фаза е урбаното уредување на просторот околу туристичкиот локалитет „Бучинско езеро“ во населеното место Бучинци.
„Станува збор за простор каде граѓаните на општина Илинден ќе можат да уживаат и да го поминуваат слободното време. Се работи на поплочување со нови бекатон плочки, а во тек е изградба на нова платформа и пешачка патека во должина од 60 метри. Исто така, пристап до местото е обезбеден со тампониран пат во должина од 100 метри, а во тек е и изградба на платформа за ловење риба. Поставено е ново улично осветлување и нови канделабри, планирано е поставување на клупи за одмор и корпи за отпадоци. Просторот ќе биде партерно уреден и за дополнително уживање на граѓаните ќе биде изграден нов летниковец“, соопштија од Општината.
Увид во градежните активности изврши градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека уредувањето на овој туристички локалитет е од особена важност за жителите на општината, како и за сите граѓани што сакаат да го поминат своето слободно време во една мирна и убава, а во исто време модерна средина.
Македонија
Муцунски на средба со министерот за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу

Во рамки на работната посета на Република Казахстан, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу.
Во фокусот на разговорите беа можностите за интензивирање на севкупната билатерална соработка, размена на посети на високо ниво, како и одржување на третата рунда политички консултации во Скопје.
Двајцата министри се согласија дека постои значителен потенцијал за понатамошно продлабочување на односите, особено во економската сфера – преку зголемување на трговската размена и поттикнување на странски директни инвестиции. Беше истакнато и задоволството од досегашната соработка на мултилатерален план, при што беа разменети мислења за низа актуелни прашања од регионален и поширок контекст.
Средбата беше заокружена со потпишување на Програмата за соработка меѓу двете министерства за периодот 2025–2027 година, како конкретен чекор кон унапредување на билатералните односи.