Македонија
Демократски сојуз: Неприфатлива е одлуката за енормно зголемување на платите на функционерите

Демократскиот сојуз смета дека одлуката на Уставниот суд, со која се овозможува зголемување на платите на функционерите за 78% е неодговорна, неразумна и неприфатлива.
Од партијата предлагаат да се интервенира во коефициентите, односно да се предложат измени на Законот за платата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, со што, како што велат, зголемувањето на платите на функционерите ќе се усогласи со зголемување на платите во сите сектори, како и со зголемувањето на пензиите.
„ Демократскиот сојуз ќе поддржи и ќе биде дел од законско решение, кое ќе ја спречи ваквата неправедна положба и огромна разлика во примањата на функционерите и останатите вработени.
Зголемувањето на примањата како одговор на растечките животни трошоци треба да го почувствуваат сите граѓани, посебно ранливите категории, додека оние кои се избрани и именувани лица треба да обезбедат услови за поквалитетен и подобар живот за сите, а не само за себе“ наведуваат од Демократскиот сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денес пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум, најави Владата

Македонија се гради. Денес официјално ќе биде пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри, најавуваат од Владата.
Вредноста на проектот за реконструкција на овој патен правец, како што е појаснето во официјалното соопштение изнесуваше 11,7 милиони евра.
„Ова значи дека по речиси 4 децении, не само охриѓани, туку голем број на граѓани ширум државата, но и туристи ќе можат да патуваат од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија, по нов патен правец.
Овие капитални проекти го подобруваат не само туристичкиот, туку и економскиот напредок и развој во Македонија.
Владата работи и создава дела за просперитет на Македонија“.
Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.