Македонија
Демократското движење: Новата учебна година со низа стари проблеми
Новата учебна година во државата нема да биде иста со претходната учебна година, напротив, ќе биде полоша и со повеќе недостатоци, велат од Демократското движење.
Оценуваат дека поради неуспешните политики на надлежното министерство, особено на ДУИ, албанското образование продолжува да се урива и да се деградира во трагични размери.
„И оваа година, како што е најавено, ќе имаме намалување на бројот на ученици Албанци во основното училишите, тоа е заради масовното заминување на албанските семејства надвор од државата за да можат да обезбедат подобри животни услови. Овој факт не го загрижува ниту еден Албанец од власта, без разлика на страшните податоци за алармантното намалување од година до година. Овој недостаток, за жал ќе доведе и голем број на наставници да останат без работа. Немањето визија, како и небрежноста кон албанското образование наскоро ќе рефлектира со затварање на училиштата заради недостаток на ученици“, реагираат од Демократското движење.
Оценуваат дека и годинава учениците Албанци ќе се соочуват со недостатокот на училишните текстови, и годинава на учениците ќе им се нудат стари книги за користење, „да не велиме хорор книги, уништени и распарчени“.
„Со две нозе ќе биде згазено достоинството на овие ученици, кои со години се обврзани да учат и од учебници кои имаат дискутабилни содржини.
И годинава, без разлика на многуте ветувања од албанските водачи кои се дел од власта, албанските ученици ќе учат во стари училишни објекти, на кои одамна им е истечен рокот и немаат ништо заедничко со училиштата каде се развива квалитетно образование. Така што, ништо од досегашните ветувања кои веќе станаа нормалност и завршуваат како лага.
И годинава ќе недостига квалитетот во албанското образование и тоа во сите нивоа. Има стотици проблеми кои не ги загрижуваат властите, кои се платени со народни пари за нештата да ги ставаат во шини. Наместо квалитет, насекаде имаме напори како да именуваме водичи припадници од партијата на власт.
За жал, траекторијата на албанското образование само опаѓа и потонувањето не е далеку,“ истакнуваат од оваа партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

