Македонија
Денес студено утро, а преку ден до 11 степени

Утрово е студено со услови за појава на магла по одделни котлините. Преку ден времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се движи од -6 до 1, а максималната од 4 до 11 степени.
Во Скопје наутро ќе има услови за појава на магла, а преку ден ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 9 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема повредени лица во запалениот глисер во Охридското Езеро

Денеска во 10,30 часот, во полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, пријавено е дека на пловен објект глисер кој бил во водите на Охридското Езеро, кај каналот „Студенчишта“, марка „Aquaviva 23“, сопственост на Н.С.(47) од Охрид, настанал пожар.
Од СВР Охрид велат дека повредени лица нема, а предизвикана е материјална штета на глисерот како и на други два глисери кои биле закотвени во негова близина.
„Врз запалениот пловен објект, веднаш интервенирале припадниците на езерската полиција, на сообраќајната полиција како и припадници на армискиот центар за обука на вода кои, од глисерот го отстраниле К.П.(24) од Охрид и со соодветна опрема за гасење, отпочнале со гасење на пожарот. Набрзо им се придружиле и пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Охрид со што е спречено натамошно ширење на пожарот а повикана е медицинска екипа од Итната медицинска помош“, велат од полицијата.
По насоки на јавен обвинител, на местото извршен е увид во присуство на полициски службеници, претставници од охридската капетанија на пристаништа. Глисерот е одземен за понатамошни вештачења.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче е лојален на вториот пасош и на Заеви, но не и на Македонија

Кога Венко Филипче се обидува да креира дефокус од легитимните теми за неговиот веројатен втор пасош, јавноста веднаш го препознава стариот модел – манипулација, избегнување одговорност и прикривање на вистината, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо јасно да одговори дали поседува пасош од друга држава, Филипче избега од прашањето и се фрли на спинови. Но токму тоа молчење само ги зацврстува сомнежите. Во сериозна држава, лидер на политичка партија не смее да има недефинирана лојалност. За која држава работи Венко Филипче – за онаа што му дала еден, или за онаа што му дала втор пасош? И зошто не одговара директно? Одговорот е очигледен: Филипче е лојален само на парите, на криминалот на Заеви, и на интересите на групата што ја урна Македонија. Тој не е реформатор, туку симбол на времето кога Македонија беше понижена и ограбена“, се вели во реакцијата.
Од партијата велат дека Филипче бил дел од структурата што го излажа народот дека сме добиле датум за преговори, тврдеше дека Бугарите се само администратори, ја продаде државата додека глумеше дека ја брани, го остави здравството во хаос и под сомнителни тендери и згуби милиони евра европски пари кои денес се гледаат во патишта, водоводи и реални проекти.
Македонија
СДСМ поддржува отворени листи

Поддржуваме отворени листи, конечно граѓаните да ги изберат најдобрите кандидати, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„За една изборна единица ние нашиот став го кажавме, ние сме, да седнеме и да разговараме да се смени тој изборен модел, да разговараме за опцијата да има една изборна единица, со тоа што таа одлука се носи со консензус. Затоа што различни се аспектите, мислењата, на помалите и на поголемите партии кога станува збор за една изборна единица“, рече тој.
Филипче додаде дека помалите партии имаат легитимни аргументи коишто секако дека треба да се слушнат на маса.
„Посебно што сметам дека е добро, и за што сметам дека треба да има консензус е листите да бидат отворени. И кочено да се гласа за секој еден на листата без разлика на кое место на листата е. Така ќе дадеме можност, вистински, квалитетни луѓе да бидат препознаени од граѓаните и ќе влезат на соодветните места. Тоа ќе биде нешто што ќе го разговараме за следниот циклус парламентарни избори“, рече Филипче.