Македонија
Денес ќе се врши проценка на штетите од поплавувањата во училиштата и градинките во Центар
Службите на Општина Центар изминатото деноноќие се на терен, ги расчистуваат паднатите дрвја и гранки и на одредени локации ги санираат штетите настанати од вчерашното невреме кое го зафати Скопје.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, веднаш по невремето излезе на терен и заедно со службите, вршеше увид и помагаше при расчистувањето.
„Утринава имавме состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување. Во контакт и координација сме и со останатите надлежни институции и ги преземаме сите мерки за расчистување на паднатите дрвја, гранки и покриви. Во текот на денот ќе се врши и проценка на штетите од поплавите кои зафатија дел од општинските градинки и училишта и работиме на нормализирање на состојбата“, изјави градоначалникот Герасимовски, по завршувањето на состанокот на штабот.
До општината вчера пристигнаа многу пријави за оштетени возила, живеалишта, деловни простори, проблеми со шахтите и сливниците и сите тие се проследени до надлежните сектори или институции за натамошно постапување.
„Упатувам апел до граѓаните да бидат претпазливи и да внимаваат во периоди на поројни дождови. Избегнувајте движење надвор додека трае невремето, затворете ги прозорците и доколку во вашиот објект протекува, соодветно обезбедете го“, додаде Герасимовски.
УХМР и за денеска издаде предупредување за попладневните часови. Во Скопје денеска ќе преовладува променливо облачно, попладне нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме, гласи предупредувањето од УХМР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претрес и кај Иџет Мемети во случајот со барањето поткуп
Синоќа по наредба на судија на претходна постапка извршен е претрес во домот на членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети во Тетово и претрес во службените простории на Советот на јавни обвинители.
Претресот е поради сомнеж дека Мемети заедно со врховниот судија, Наке Горгиев, имал влијание злоупотребувајќи ја позицијата член на Советот на јавни обвинители во случајот барање на мито за олеснителни околности.
Мемети е и поранешен министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија.
Судијата Наке Георгиев вчера беше приведен, откако бил фатен со мито.
Македонија
Османи изрази задоволство за донесената одлука за отворање на Aмбасада на Казахстан во Скопје
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Казахстан во Република Северна Македонија, Сатибалди Буршаков.
Министерот Османи изрази задоволство за донесената одлука за отворање на Aмбасада на Казахстан во Скопје, при што беше констатирано дека ваквиот потег ќе придонесе кон продлабочување на односите меѓу двете земји.
Соговорниците го поздравија и досегашниот развој на билатералните односи и разговараа за потенцијалите за натамошно унапредување на севкупната соработка, со посебен акцент на можностите за зајакнување на соработката на полето на економијата, трговската размена, туризмот, културата и образованието.
Скопје
Дел од неколку скопски општини без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, ги известува граѓаните дека поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од с. Студеничани. (Општина Студеничани)
· од 09:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Ринхини и Езерци во нас. Влае. (Општина Карпош)
· од 10:00 – 12:00 часот, корисниците од ул. Пелистерска бр. 2, во нас. Карпош 3. (Општина Карпош)
· од 13:00 – 14:30 часот, корисниците од дел од ул. Миле Поп Јорданов, (објектите во околината на Градинката Пролет). (Општина Карпош)