Македонија
Депонијата во Визбегово се полни, градоначалникот на Шуто Оризари вели дека е немоќен да спречи фрлање отпад
По претставки од граѓани, Државниот инспекторат за животна средина вчера изврши вонреден инспекциски надзор на дивата депонија во Визбегово, која нелегално се полни со смет и постојано гори ослободувајќи гасови што ги дразнат грлото и очите.
Од Инспекторатот соопштија дека инспекторите одржале состанок со градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој рекол дека Општината е немоќна да ги спречи правните и физичките лица што фрлаат отпад на депонијата.
До депонијата се пристапува преку земјен пат, кој се одвојува од патот Визбегово – Шуто Оризари, а пристапот се контролира преку капија што се заклучува.

„Во моментот на надзорот капијата беше отворена за да се пропушти камион кипер од Општина Шуто Оризари да исфрли отпад. Инспекторите утврдија дека од двете страни на пристапниот пат се депонираат градежен шут, комерцијален и индустриски отпад, а на крајот од патот депонијата се проширува и завршува во огромна дупка што се исполнува со разновиден отпад, вклучително и комунален. По должината на патот, а особено на проширувањето на депонијата, беа видливи траги од опожарување. Отпадот депониран покрај дупката тлееше на повеќе места. Беа присутни лица што ја одделуваа пластиката од депонираниот отпад. Возачот на камионот и лицето што ја отворило капијата информираа дека киперот фрлил земја за да изврши прекривање на отпадот што се пали, но инспекторите утврдија дека земјата беше истурена покрај дупката“, соопштија од ДИЖС.
Државниот инспекторат ќе испрати барање до градоначалниците на општина Шуто Оризари и град Скопје да преземат итни мерки за расчистување на депонијата и за соодветно уредување на земјиштето.
Од таму наведуваат дека депонијата во Визбегово не смее да гори и мора да се исчисти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

