Македонија
Дескоска: Ги намаливме извршителските, нотарските и судските трошоци
Направен е голем напредок, во заштита на социјално ранливите граѓани, но и во други сегменти, рече министерката Рената Дескоска на трибината „Силна економија – шанса за сите“ во Штип, правејќи ретроспектива на реформите кои се направија за седум месеци додека таа е на функцијата прв човек на Министерството за правда.
„Овој напредок ќе финишира во јуни кога треба да се усогласи нашата законска регулатива со критериумите кои се бараат за членството во НАТО и преговорите со Европската Унија. Ја усогласивме законската рамка и не отстапивме од она што беше во нашата програма, за дополнителна заштита на социјално ранливите групи граѓани и заштита на некои други групи, да не им се блокираат сметките. Направивме листа и соодветен систем во кои лицата кои примаат помош не смеат да бидат блокирани за неплаќање на комуналните сметки и тука се ограничени трошоците за извршителите да не е поголем од 20 проценти“ рече Десковска.
Таа истакна дека излезе новиот Тарифник, каде 16 ставки кои порано се плаќаа сега веќе немаат право извршителите да ги наплатуваат.
„Голем дел од другите трошоци, се намалени за 50 проценти некои дури и повеќе, поради тоа што сметавме дека беа нереални приходите кои што ги добиваат извршителите“, рече Дескоска пред насобраните граѓани кои присуствуваат и учествуваат на дебатата.
Министерката Дескоска ги спомена измените и во Законот за нотаријат каде што се предвидува граѓаните да не треба да плаќаат судска такса за издавање на нотарски платен налог за комуналните трошоци. Дескоска потенцира дека нема повеќе да се плаќаат дополнителни трошоци, што се направи со исклучувањето на судските такси, со цел да се подобрат условите за живот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

